СВР Битола, Одделение за криминалистичка полиција до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против лицата К.К.(55), М.М.(59), В.П.(58) и С.Х. (55) сите од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување” по чл.353 ст.3 и 5 и „Несовесно работење во службата” по чл.353 в од КЗ на Република Македонија.

Ова е нова кривична пријава против поранешниот директор на ЈП „Нискоградба“ од Битола откако минатиот месец битолската полиција поднесе кривични пријави против него, за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата” и „фалсификување или уништување на деловни книги”.

Тој во својство директор на ЈП „Нискоградба”- Битола ги пречекорил своите службени овластувања на начин што во периодот од 2013 год. до 2017 год. во повеќе постапки за јавни набавки превзел дејствија спротивни на одредбите од Законот за јавни набавки, со што му нанел штета на комуналното претпријатие.

Во 2016 и 2017 година по завршување на постапки потпишал договори за јавни набавки на бензин и масло за греење-екстра лесно, по предлог одлука од комисијата за јавни набавки (второпријавениот, третопријавениот и четвртопријавениот), без при тоа да да биде побаран доказ (лиценца) издаден од надлежен орган за исполнување на посебните услови за извршување на дејноста пропишани во Законот за енергетика чл.37 и Законот за јавни набавки чл.148, со што му овозможил на правно лице од Битола да се стекне со имотна корист од 5.892.700 денари без ДДВ.

Со неизвршување на својата службена должност, првопријавениот, со тоа што во 2015 година не назначил лице кое ќе биде задолжено за контрола и следење на реализацијата на договор со правно лице од Скопје за набавка на полиетиленски коругирани канализациони цевки и во 2017 год. со тоа што потпишал договор во вредност од 7.500.000 денари со истото правно лице, иако знаел дека постигнатата конечна вредност по одржаната е-аукција била 547.415 денари, му овозможил на правното лице од Скопје да се стекне со вкупна имотна корист од 7.091.710 денари без ДДВ.

Со неизвршување на својата службена должност, првопријавениот, со тоа што во 2016 год. не назначил лице кое ќе биде задолжено за контрола и следење на реализацијата на договор со правно лице од Скопје за набавка на канализациони цевки (ПВЦ и бетонски) во вредност од 2 милиони денари, а и без да потпише анекс договор на основниот договор, му овозможил на правното лице од Скопје да се стекне со 189,591 денари повеќе од потпишаната вкупна вредност од 2 милиони денари.

Во периодот од 2013 до 2017 година со неизвршување на својата службена должност односно не назначување на лице кое ќе биде задолжено за контрола и следење на реализацијата на договорите со правно лице од Битола потпишани врз основа на спроведени постапки, дозволил да се набавуваат стоки кои не се во состав на техничките спецификации на договорите со што му овозможил на правното лице од Битола да се стекне вкупно со имотна корист од 458.815 денари со ДДВ.

Во периодот од завршувањето на договор од 22.10.2014 год. кој бил склучен со правно лице од Скопје, со важност до 22.10.2015 год., за набавка на услуги- физичко и мониторинг обезбедување, до потпишувањето на новиот договор од 30.01.2018 год. за истите услуги, без да се потпише анекс на договорот и без да бидат завршени постапките за доделување на договор за јавна набавка, му овозможил на правното лице од Скопје да се стекне со имотна корист од 1.419.915 ден.

Второ, трето и четвртопријавениот несовесно постапиле при вршење на својата должност на начин што во отворените постапки при изборот на најповолен понудувач за набавка на гориво за возилата и масло за греење ЕЛ не го зеле во предвид фактот што правното лице од Битола не доставил и не поседувал лиценца за трговија со сурова нафта, нафтени деривати, био горива и горива за транспорт од Регулаторна комисија на РМ, согласно чл.37 од Законот за енергетика и чл.3 од Правилникот за условите, начинот, постапката за издавање менување и одземање на лиценци за вршење на енергетски дејности, со што му се овозможиле на правното лице од Битола да се стекне со имотна корист од 5.892.700 денари без ДДВ.

Првопријавениот во својство на директор на ЈКП Нискоградба од Битола со злоупотреба на службената положба и овластување, а второ, трето и четвртопријавениот со своето несовесно работење во службата, во периодот од 2013 до 2017 година му нанеле штета на ЈКП Нискоградба од Битола во вкупен износ од 15.052.731 денари.

М.М.