Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа до власта дека за 24 часа очекуваат да го обезбедат бегалецот Сашо Мијалков и да го изнесат пред лицето на правдата за да одговара за делата кои му ги изрекол судот. Александар Николоски на партиската прес-конференција рече дека доколку власта дозволи да избега Мијалков, да си поднесе оставка веднаш.

– Криминалната коалиција Вице и Зоран и Сашо Мијалков ја доби својата кулминација. Како што знае јавноста, кога на 22 октомври пред три години го исклучивме Сашо Мијалков од партијата знаевме дека постои криминална коалиција Вице, Зоран и Мијалков, кои работат на уништување и разнебитување на Македонија. Наградата од Зоран Заев стигна овој викенд, се овозможи тој да избега од правдата, имаме бегалец од правдата. Додека Оливер Спасовски и Радмила Шеќеринска ги нема никаде, Зоран Заев жали и ја префрла вината. Имаат 24 часа да го обезбедат бегалецот од правдата. Зоран Заев и Оливер Спасовски да го обезбедат затоа што се потврдува дека со Македонија владее криминална коалиција, којашто ги руши основните вредности, системот на владеење на правото, која влијае врз бизнисите и ги ректира, со Македонија владее крими колација. Затоа очекуваме во следните 24 часа да го обезбедат бегалецот Мијалков – рече Николоски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали очекува власта да го испорача Мијалков во следното деноноќие, тој рече дека се сомнева дека ќе биде изнесен пред лицето на правдата и додаде.

– Од ова власт не можеме тоа да го очекуваме, затоа што јасно се гледа дека постои договор помеѓу него и власта. Или ќе му се овозможи да избега или во стилот на Пабло Ескобар добиваат на време да ги договорат условите под кои тој би се предал – додаде Николоски.


СДСМ: Николоски и Мицкоски ги признаа сите криминални злодела на ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицкоски и Александар Николоски ги признаа сите криминални злодела на ВМРО-ДПМНЕ во минатото, меѓу кои и за случајот „Таргет-Тврдина“, се наведува во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Николоски.

– Мицкоски и Николовски, признаваат се, вклучително и тоа дека ВМРО-ДПМНЕ предводена од нивните ментори Никола Груевски и Сашо Мијалков нелегално прислушувале и уништувале животи и кариери на неистомисленици. Од друга страна и Николоски и Мицоски, процесите во судовите ги нарекуваат политички, а обвинетите жртви на политички прогон. Бидејќи Мицкоски и Николоски ги признаа сите злодела, треба јавно да се извинат на граѓаните и да ги повикаат сите од белиот дворец, сегашни и минати функционери, на соочување со одговорност пред судовите – се додава во реакцијата.