Прекршочно се санкционирани 31.211 граѓани со парични казни во висина од 20 евра, односно десет евра, доколку изречената казна се плати во законски пропишаниот рок од осум дена, информираат од Министерството за внатрешни работи
Не се почитуваат секаде епидемиолошките препораки
Веќе шест месеци земјава и светот пулсираат во нов ритам. Коронавирусот остави значителен печат на целокупното функционирање, почнувајќи од образованието, работењето, лекувањето, па дури и дружењето. Сега речиси сите држави имаат нови законски прописи што го санкционираат непочитувањето на мерките. Во неколку држави неносењето маски и групирањето се (или беа) строго казниви и секој што не го почитува тоа добива соодветна казна.
Македонија не е исклучок од тоа правило. Битката за заштита на населението, но и борбата за зачувувањето на болничките капацитети што во државава се мошне кревки, ги принуди властите да воведат построги мерки, особено кога станува збор за неносењето заштитни маски. Полициски возила и службеници будно го следат однесувањето на граѓаните, а секаде каде што ќе забележат сериозни отстапки применуваат санкции.
Па, така, за период од околу три месеци, 31.211 граѓани го прекршиле Законот за прекршоци, односно биле санкционирани поради неносење заштитна маска.
– Прекршочно се санкционирани 31.211 граѓани, со прекршочни казни во висина од 20 евра, односно десет евра, доколку изречената казна се плати во законски попишаниот рок од осум дена – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Санкции за неносење заштитни маски неодамна се воведоа и во соседна Србија. Тамошната влада одреди казна во висина од пет илјади динари (40 евра) за секое физичко лице што ќе ја прекрши мерката за задолжително носење маски во јавен превоз или во затворен простор. Повеќе од 30 лица биле санкционирани токму поради тоа.
Од 24. месецов, задолжително е носење заштитна маска и во Велика Британија за секој што е во продавница или, пак, во јавен превоз.
Сличен е законот и во Шпанија, каде што секое лице со навршени шест години мора да носи заштитна маска на лицето, доколку не постои можност да го одржи растојанието од 1,5 метар. Маската мора да ги покрива носот и устата, а се санкционира секој што не го почитува правилото.
Носењето маска е задолжително и казниво и во Италија, додека во Германија зависи од држава до држава. Француските власти го направија носењето заштитни маски задолжително уште од мај. И во оваа земја се изрекуваат парични казни за непочитување на препораката. Сепак, носењето заштитни маски многумина го почитуваат. До крајот на минатиот месец, 86 проценти од Шпанците носеле маски, 81 процент од Италијанците и 78 проценти од Французите.
Казни во висина од 200 австралиски долари ќе добие секој што нема да носи заштитни маски во Австралија, поточно во државата Викторија, откако и таму почна да расте бројот на заразени со коронавирусот.
Вреди да се одбележат два бизарни случаи во врска со носењето заштитни маски. Крајно непријатна ситуација се случила во Министерството за внатрешни работи во Пула, кога 55-годишна жена при влез во просторијата на министерството не сакала да ги дезинфицира рацете и не сакала да стави заштитна маска, иако на тоа била предупредена од страна на полицискиот службеник. Таа наместо да ги примени задолжителните препораки започнала да ја удира главата од ѕид, а полицаецот едвај успеал да ја смири. Потоа почнала да вика и да го навредува полицаецот, по што била уапсена за нарушување на јавниот ред и мир.
Таа била изведена пред суд, каде што ја продолжила драмата, па судијата бил принуден да побара психијатарско мислење за жената. Откако целата состојба се смирила, жената изјавила дека дошла да се пожали затоа што во трговски објект каде што сакала да пазарува не ѝ било дозволено да влезе без заштитна маска.
За одбележување е и настанот во еден град во Франција каде што еден возач на градски автобус починал на само место при расправија со патници што не носеле маски. Возачот бил изнервиран и не ги издржал дрските напади на неодговорните млади патници, па доживеал мозочен удар држејќи го воланот на автобусот.