Минуваат низ долготраен екстремен тренинг, а бројката на оние што остануваат се преполовува како што изминува тренингот
Секоја држава ги тренира своите специјални полициски сили онака како што тие ќе можат да одговорат на нејзините потреби, но и на начин на кој тие треба да ги штитат државата и граѓаните. Професијата полицаец, особено специјалец, бара поседување различни способности за да можат да одговорат на работните обврски. Минуваат низ долготраен екстремен тренинг, а бројката на оние што остануваат се преполовува како што изминува тренингот. Не може секој да ги издржи екстремните тренинзи, кои бараат огромна психофизичка издржливост и желба.
Различни држави во светот следат различни трендови во однос на техниката и технологијата што ја користат за своите полициски сили да бидат најдобри на светот. „Нова Македонија“ во две продолженија ќе ви ги претстави најдобрите полициски сили во светот, рангирани според строги критериуми.
ГСГ9 – Германија
Германската полициска организација се смета за една од најпрофесионалните и најпознати полиции во светот. Причината поради која е формирана по екстремно професионален стандард е инцидентот што се случил за време на Олимписките игри во 1972 година во Минхен. Во овој инцидент, единаесет израелски атлетичари беа убиени од терористи, за што вината се префрли на неподготвеноста на германската полиција навреме да превенира и да дејствува. Затоа се формира ГСГ 9.
Она што е најважно за оваа полициска сила е тоа што во неа може да влезат само полицајци што работеле две години како полицајци. Апликантите поминуваат низ доста ригорозни медицински и психолошки тренинзи пред да го започнат 16-неделниот основен тренинг, а потоа и деветнеделен тренинг со специјализирани лекции. Само еден од пет апликанти успева да ја помине обуката. Откако е формирана, оваа полициска формација извршила повеќе од 1.500 операции, а оружје користела само пет пати.
„Џунгла“ – Колумбија
Уште една полициска сила што спаѓа во една од најдобрите во светот е специјалниот дел на колумбиската полиција. Името „Џунгла“ го добила затоа што своите должности ги извршува во џунглите во Колумбија, каде што владеат кралевите на кокаинот. Овие полицајци водат војни со овие наркогиганти, кои, пак, воопшто немаат страв да се борат против колумбиската влада.
Главна карактеристика е тоа што се оспособени за борба во специјални услови, а се формирани во 1989 година. Тренингот го добиле од специјалните единици на Соединетите Американски Држави и британските елитни специјални единици САС. Сега имаат сопствен тренинг врз база на искуството од борбите со наркодилерите, со одредени примеси од американските ДЕА-агенти, кои исто така учествуваат во планирањето и изведувањето на акциите против производителите на дрога. Оваа полициска единица има 600 полицајци, а нивна главна цел е уништување на лабораториите за производство на дрога во џунглите. Тие се ангажирани за најопасните мисии што се реализираат во Колумбија.
БОПЕ – Бразил
Со црна специјална облека, црни шлемови, маски и очила, бразилската полиција БОПЕ исто така спаѓа во групата најдобри полициски сили во светот. Овие специјалци се немилосрдни и најчесто може да се видат на улиците кога интервенираат при улични немири. Во нивната држава владее мислење дека операциите што ги реализираат се контроверзни и доста често се обвинуваат за непотребно и незаконско ликвидирање на осомничените, но и за други видови злоупотреба на невини лица, односно за претерано користење на нивната моќ.
Во нивните должности спаѓа и смирување немири во затворите, а во случај на војна тие ги зафаќаат првите борбени линии. Припадниците на оваа полициска единица минуваат низ интензивен тренинг, а последните три дена од него тие ги минуваат постојано будни, за да се оцени и зајакне издржливоста како на секој поединец, така и на единицата во целост.
„Јамам“ – Израел
Израелската полициска единица „Јамам“ всушност е антитерористичка специјална единица, составена од полицајци што работат на израелската граница. Формирани се по масакрот на 21 дете во 1974 година. Децата биле киднапирани, а целата киднаперска криза завршила без да биде се спасено ниедно дете. Оваа единица е формирана за да се справува со ваков вид кризи.
Тренингот што го минуваат е суров, трае шест месеци и вклучува т.н. пеколна недела, која е најтешката за апликантите. Тие се едни од највооружените полицајци во светот. Најомилено оружје им е вооружениот булдожер, со кој по потреба уриваат и згради и безмилосно затрупуваат живи луѓе. Апликантите што сакаат да бидат дел од оваа полициска единица се тренирани војници, кои претходно три години непрекинато служеле во израелската војска.
(продолжува)