Филан М. влезе во судот во салафистичка облека. Тој носеше сиво палто и бела маица, додека бујната брада излегуваше надвор од заштитната маска. Носеше и црни панталони, кожени кондури и часовник покрај лисиците на рацете. Тој може да си го дозволи тоа бидејќи неговиот татко поседува клиника за кардиохирургија. Вака новинарот на германскиот весник „Франкфурте Рундшау“ го опишува почетокот на судењето на 25-годишниот Германец со македонско потекло Филан М., кој е обвинет дека планирал самоубиствен бомбашки напад врз еден ресторан во Заксенхаузен, во близина на Франкфурт. Првото рочиште во германскиот суд беше одржано минатата недела.
– Бев наивен – кратко кажал Филан пред судијата во Франкфурт.
Филан М. беше уапсен од германската полиција во ноември минатата година, заедно со уште двајца осомничени на 21 и 22 години од турско потекло, под сомнение за подготвување на терористички напад. Неговите потенцијални соучесници подоцна беа ослободени поради недостаток на докази, но Филан беше обвинет и се соочува со долгогодишна затворска казна поради сериозноста на обвинувањата.
„Салафистот“, како што „Франкфуртер Рундшау“ го нарекува Филан, за таа цел набавил хидроген пероксид, ацетон, батерии и сулфурна киселина, како и електронски делови за бомба. Нападот не успеал бидејќи тој се пофалил на социјалните мрежи пред да ја спроведе својата цел. Згора, Филан се обидувал да набави и автоматско оружје и муниција преку интернет. Тој направил и уште една грешка, купувајќи ја криптовалутата биткоин, при што налетал на измамничка компанија.
Филан и претходно се соочил со германскиот правосуден систем, кога во 2016 година бил осуден за изнуда и физички напади и одлежал затворска казна од две и пол години. А токму во затвор преминал во ислам и станал поборник на Исламската држава. Салафизмот кој го прифатил е ултраконзервативно движење во рамки на сунитскиот ислам кое се појавува во втората половина на 19-от век. Неговата доктрина се смета за фундаменталистички пристап кон исламот. „Љубовта кон бога“ останала со него и по излегувањето на слобода во април мината година, но тој развил и омраза кон Западот.
– Западот го замразил затоа што на Интернет постојано гледал видеа од ракетните напади на коалицијата против Исламската држава врз стари луѓе и мали деца, и тоа многу го разлутило. Притоа, самоубиствениот напад му се чинел како најбрзо бегство од детската соба, затоа што по таквиот чин се оди директно во рајот и се исполнува обврската – наведуваат германските медиуми.
Неговите проблеми почнале во тинејџерските години кога бил исфрлен од две гимназии, а избегал и од двата интернати во кои родителите го испратиле. Неговиот татко му ја финансирал и желбата „да учи кунг-фу во Кина“, но и тој сон набргу згаснал. По враќањето во Германија Филан завршил средно училиште, но повторно се нашол во проблеми, па мајка му, која е медицинска сестра, го исфрлила од домот. Единственото во што „успеал“ Филан е да натепа некој недолжен човек на улиците на Офенбах, како и друг затвореник во затворот каде бил притворен, пишува „Франкфурте Рундшау“.
– Имав среќно детство. Никогаш не ме удриле. Сакав само да им покажам на моите родители дека можам сам да си го најдам патот. И дека тој пат е добар – изјавил Филан на претходното судење за изнуда и насилство.
Веројатно малкумина можеле да претпостават дека Филан ќе се најде во ваква ситуација по безгрижното детство, во кое, како што наведува новинарот на „Франкфуртер Рундшау“ ништо не му недостасувало.