Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски треба да сведочи на денешното рочиште од судењето за организаторите на настаните во Собранието од април 2017 година, откако утринава пристигнал во Основниот кривичен суд во Скопје. Беше предвидено тој да сведочи и на претходните две рочишта, но ги пропушти поради обврски.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски и поранешниот лидер на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Неловски беа сослушани на претходното рочиште во вторникот, како сведоци на одбраната.
Во овој предмет обвинети се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министритза транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а Вилма Русковска е застапник на обвинението.