Модуларната болница во Тетово која изгоре синоќа е изградена по највисоки медицински и безбедносни стандарди, соопшти Министерството за здравство, откако изутринава се појавија информации во медиумите и на социјалните мрежи дека пропусти при градбата може да се причина за пожарот.
Од Министерството информираат дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди.
– Модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово се отворени после технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Министерството за здравство информира дека ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри, а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита – велат од МЗ.
Од таму додаваат дека при пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата имало незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците и слично.
Од Министерството велат дека по овие барања е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти и дека документите ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска.
Надлежните уверуваат дека ковид-центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи.
– Апелираме да не се шпекулира со ваквите информации. Министерството за здравство очекува експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа. Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид-центри беа и се уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која Министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот“, велат од МЗ.