Министерството за надворешни работи се уште нема официјална потврда од авганистанските власти во врска со веста за македонскиот државјанин кој беше киднапиран и убиен во Кабул, а некои медиуми веќе објавија дека жртвата е 37-годишен жител на скопското село Љубанци.
Според објавите во странски медиуми завчера, македонскиот државјанин заедно со уште две лица од Малезија и Индија, биле киднапирани и убиени во главниот град на Авганистан.
Тројцата работеле во „Содексо“, втора по големина компанија за храна и кетеринг во светот. Компанијата „Содексо“, завчера изрази сочувство преку соопштение до јавноста за трагичната загуба на нејзините вработени.