Битола-Скопје 10:1
Десет возачи во Битола викендов управувале моторно возило под дејство на алкохол, а полициските службеници на СВР-Битола ги отстраниле од сообраќај. При редовната полициска контрола изминатава сабота и недела, покрај извршената контрола за алкохол, полицијата ја контролирала брзината, потоа управувањето без возачка дозвола, нерегистрираните возила, непочитувањето првенство.
Освен што биле затекнати пијани возачи, тројца возачи биле фатени како разговараат на мобилен телефон додека управуваат возило, додека пак двајца други не користеле сигурносен појас. Седум возачи управувале возило без возачка дозвола, а пет други биле нерегистрирани. За сите неправилности полициските службеници издале соодветни налози.
И СВР-Скопје во текот на 17, 18 и 19 јануари на своето подрачје презело мерки и активности, при што од сообраќај биле исклучени девет возачи, од кои само еден управувал моторно возило под дејство на алкохол.
Осум возачи биле исклучени затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување моторно возило. Исто така, од сообраќај се исклучени и 10 возила, бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се шест возачи поради поминување крстосница на црвено светло и двајца возачи поради недавање првенство на минување пешаци. Во текот на изминатите денови, 96 возила се подигнати со специјално возило „пајак“.
Загина маж во сообраќајка кај Струмица
Во сообраќајна несреќа што се случи на крстосницата Габровски водопади, во близината на селото Габрово, Струмичко, смртно настрада 33-годишен маж. Несреќата се случила на 19 јануари, во 17 часот, а со возилото БМВ, со струмички регистарски таблички, управувал триесет и осумгодишниот В.М. од селото Моноспитово. Возачот ја изгубил контролата и излетал надвор од коловозот. Во незгодата тешки телесни повреди добил сопатникот Д.Д. (33) од селото Моноспитово, по што бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица, каде што починал. Телесни повреди добиле возачот и уште двајца сопатници, М.Г. (36) и С.С. (35), двајцата од Моноспитово, кои биле пренесени во Медицинскиот центар во Струмица за укажување лекарска помош. Увид на местото на незгодата извршила увидна екипа од СВР-Струмица.