Македонски, српски и црногорски државјани се меѓу осомничените кои се обиделе да го убијат наводниот лидер на кавачкиот криминален клан, Радоја Звицер, во Украина. Украинските органи ги уапсиле и ги идентификувале осомничените, а како што се наведува, еден од нив се наоѓа на меѓународна потерница поради убиство.
Како што синоќа објавија медиумите, две лица пукале во Звицер, а до нападот дошло во близина на елитен станбен комплекс во украинскиот главен град Киев.
– Главните причини за обидот за атентат биле криминални активности на жртвата, можна прераспределба во криминалната организација, како и меѓу балкански криминални кланови кои ја контролираат трговијата на дрога – рекол шефот на Националната полиција на Украина, Игор Клименко.
Тој додал дека полицијата по обидот за убиство почнала интензивна потрага за напаѓачите. Тие сакале да побегнат, но во еден момент се обиделе и да го запалат автомобилот во кој се наоѓале. Полицијата успеала да им влезе во трага преку надѕорните камери.
– Полицијата го следеше автомобилот со кој осомничените се движеа кон Одеса, за да ја напуштат земјата надвор од царинската контрола преку границата помеѓу Украина и Молдавија. Со оглед дека напаѓачите беа вооружени, во полициската акција беа вклучени и специјални сили. Утрово се приведени четири лица, кои претходно се обиделе да побегнат, а при апсењето пружале отпор – рекол Клименко.
Моментно обвинетите се притворени според членот 208 од кривичниот закон на Украина, а истрагата е во тек. Претходно било утврдено дека осомничените во Украина дошле на почетокот на мај и дека долго време ја следеле жртвата. Звицер бил погоден пет пати и се здобил со повреди опасни по животот, синоќа бил опериран и се наоѓа во тешка состојба.
Радоје Звицер со години не живее во Црна Гора, а важи за прв човек на една од најсилните криминални групи во овој дел од Европа.