МВР презема и репресивни мерки за санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби според кои се санкционираат употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба. Така, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во членот 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните, информираат од Министерството за внатрешни работи
Многустраниот негативен ефект на пиротехниката при прославувањето Нова година
Предновогодишната атмосфера речиси секоја година е окарактеризирана со голем број пукотници од петарди и огномети. Речиси во секој период од денот се слушаат петарди, а воздухот мириса на барут. Најчеста слика низ улиците се децата што воопшто не размислуваат за последиците од користењето на петардите, кои може да предизвикаат сериозни последици по нивното здравје. И купувањето непроверен огномет може да биде причина за сериозни повреди кај луѓето, но и неговото неправилно користење.
ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА ЗАПЛЕНЕТИ ПОВЕЌЕ ОД СЕДУМ ИЛЈАДИ ПАРЧИЊА ПИРОТЕХНИЧКИ СРЕДСТВА
Дневните билтени што секојдневно ги објавува Министерството за внатрешни работи се преполни со информации за запленети пиротехнички средства и уапсени лица што препродавале пиротехника. Неодамна, при влез во земјава, полициски службеници при редовна контрола на граничниот премин Делчево, кај битолчанец заплениле 886 парчиња различни видови пиротехнички средства. Во Куманово, пак, приведен е 35-годишен маж, кај кого полицијата пронашла 2.059 парчиња пиротехнички средства.
При претрес на домот на педесет и шестгодишен маж од Кочани, пак, одземени се 604 парчиња пиротехнички средства. Против сите ќе биде поведена постапка во согласност со законот.
Министерството за внатрешни работи реализира и акција на подрачјето на СВР – Скопје, каде што цел на контрола беа пазарите, за да се спречат трговија и употреба на пиротехнички средства.
– Од страна на единиците за внатрешни работи, во соработка и содејство со Државниот пазарен инспекторат, извршени се десет контроли на пазари, додека самостојно се контролирани осум пазари. Наедно, извршени се контроли и на два парка, пет трговски центри, пет раскрсници и седум маркети, при што се пронајдени и одземени над илјада парчиња пиротехнички средства, сите на Бит-пазар – информираат од МВР.
Уште една акција на полицијата е реализирана на 19-ти месецов, во која беа спроведени контроли на 18 пазари, три парка, шест трговски центри, 12 раскрсници и 13 маркети. Во текот на контролите на Бит пазар беа пронајдени и одземени 2.532 парчиња петарди, четири парчиња огномет, две петарди-бомба, две парчиња „Мр-30 панда“, две парчиња „тандер флеш“ и 16 парчиња ракети.
КОРИСТЕЊЕТО ПИРОТЕХНИКА Е КАЗНИВО СО ЗАКОН
Министерството за внатрешни работи и годинава спроведува превентивна кампања, за да им се укаже на граѓаните за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства, особено актуелна пред и за време на новогодишните и божиќните празници.
– МВР презема и репресивни мерки, за санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби според кои се санкционираат употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.
Така, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во членот 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните – информираат од МВР.
Во согласност со Кривичниот законик, во членот 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:
(1) Тој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;
(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи што на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни најмалку со пет години затвор.
И ОД ЈП „ЛАЈКА“ АПЕЛИРААТ ДА НЕ СЕ КОРИСТАТ ПЕТАРДИ
Петардите и огнометите се најголемите непријатели и на животните, кои секоја година претрпуваат трауми од пукањето петарди. Од јавното претпријатие „Лајка“ апелираат да не се користат петардите, со кои се трауматизираат кучињата.
– Моментално сме на прагот на празничната сезона, која годинава ќе ја прославиме на малку поинаков начин. Овој празничен период е најстресно време за животните, особено за оние кучиња што не по своја вина се бездомни и напуштени. Употребата на петарди и други пиротехнички средства предизвикува не само физички повреди туку и голем стрес, страв, психички шок, доживотни трауми и неретко смрт од срцев удар кај кучињата – велат од „Лајка“.
Оттаму додаваат дека овој проблем претставува сериозна закана и опасност по животот на кучињата и токму поради тоа почнуваат и кампања за заштита на кучињата.
– ЈП „Лајка“ ја почна својата кампања „Стоп за петардите! Вдоми куче и прослави ги празниците на поинаков начин!“ Нашата цел е да ја издигнеме свеста кај граѓаните за опасноста на која сме изложени сите и да го свртиме внимание кон превентивните мерки во полза на заштита не само на бездомните кучиња туку и на домашните миленици. Апелираме до сите граѓани да ја одбегнат употребата на петарди за лична и за сечија безбедност – велат оттаму.
Пиротехниката сериозно го загадува воздухот
Боите на огнометот се добиваат од хемиска мешавина, која е преполна со штетни гасови. Боите зависат од металите и металните соли што се користат за производство на огнометот и петардите. Различни метали даваат различни бои. На пример, соли од литиум даваат розова боја, натриумот, пак, дава жолта или портокалова боја, бакарот и бариумот даваат зелена и сина боја, а калиумот дава црвена боја.
Иако нивната реакција е моментална, тешките метали за жал не согоруваат со експлозијата. Напротив, во контакт со воздухот, тие создаваат гасови и чад како јаглероден диоксид, јаглероден моноксид и нитроген, а сите тие се едни од главните одговорни гасови за климатските промени.
При експлозија, овие метали остануваат и ги загадуваат воздухот и водата. Кога се вдишуваат може да предизвикаат сериозни краткорочни и долгорочни последици по човековото здравје, како што се повраќање и дијареја, астма, бубрежни болести и различни видови канцер.