Информациите од билтените на МВР укажуваат дека постојано има тешки сообраќајни несреќи со жртви или со повредени
Зачестија објави во медиумите за тешки сообраќајни несреќи во кои има лица со тешки повреди. И по големата сообраќајна несреќа близу селото Ласкарци, со 16 жртви, се чини како да не проработе свеста на граѓаните дека треба да бидат совесни и внимателни учесници во сообраќајот. Последниве сообраќајки, во кои имаше и едно превртено возило, зборуваат дека несовесното и неодговорно возење на патиштата и улиците продолжува. Само во првите два месеци годинава имало 508 лица што завршиле со потешки последици и седум лица што го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Сите информации, податоци и секојдневни случки укажуваат дека очајно е потребно зголемување на сообраќајната свест.
Министерството за внатрешни работи ги обработува податоците на квартално ниво, па поради таа причина добивме официјални податоци за сообраќајни несреќи од првите два месеци годинава. Според нив, во овој период настрадале вкупно 738 лица.
– Во периодот јануари-февруари 2019 година, на територијата на Македонија се случиле вкупно 508 сообраќајни незгоди со потешки последици, во кои настрадале вкупно 738 лица. Во нив животот го загубиле седум лица, додека повредени биле 731 лице. Покрај нив, во сообраќајна незгода на 13 февруари 2019 година на подрачјето на Скопје во близината на селото Ласкарци животот го загубија 15 лица, додека повреди добиле 41 патник – велат од МВР.
Информациите од билтените од МВР укажуваат дека постојано има сообраќајни несреќи. На 13 и 14 април СВР-Скопје евидентирал 24 сообраќајни несреќи, во кои девет лица завршиле со лесни телесни повреди ,а две лица со тешки повредени. На 21 април пијан возач прегази двајца полицајци и повреди уште четворица во Куманово. На 20 и 21 април од СВР-Скопје евидентирале 24 сообраќајки, во кои четири лица се тешко повредени, 14 добиле лесни телесни повреди, а еден мотоциклист загинал. На 22 април, во Карпош, во верижен судир автомобил се преврте на покрив, при што две лица настрадаа и завршија во болница.
Последиците од сето ова како да не се доволна опомена, а некои сметаат дека можеби се потребни и повеќе превентивни кампањи и вклучување психолози. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата постојано организира разни едукативни активности. На нивната веб-страница наведуваат дека едукацијата на децата е важен процес во целиот систем на сообраќајна превенција, особено кога таа е насочена кон издигнување на свеста на родителите. Психологот Јасмина Јонуз вели дека треба да се работи на сообраќајна едукација и култура уште од мали нозе, а оние што веќе направиле сообраќајки да бидат испратени на психолошко советување. Таа нагласува дека треба многу да се работи на промена на начинот на перципирање и разбирање на поимите како што се одговорност и последици.