По апсењето на Зоран Верушевски, ми се јави Звонко Костовски, кој во тој момент бил во присуство на Горан Грујоски, и ми пренесе порака од него дека доколку сум бил инволвиран во случајот, лично ќе ми го пресечел гркланот, изјави Ѓорѓи Лазаревски во својот исказ како сведок на денешното рочиште на предметот „Таргет-Тврдина“.
Лазаревски одговараше на прашање на обвинителот Трајче Пеливанов за моментот кога бил уапсен Верушевски и за неговото пријавување во МВР на барање на Грујовски.
-Сватив дека е подобро да пријавам што се случува, иако Зоран Заев објави дека материјалите му ги дале вработени во МВР кои веќе биле во странство. Побарав средба со Горан Грујовски и таму кажав дека јас ги предадов материјалите на Верушевски, нагласи Лазаревски пред судот.
Сведокот рече дека пред да појде во МВР го избришал дискот каде што ги чувал податоците и го предал на обвинителството. Бришењето го направил за да биде сигурен дека нема да биде злоупотребен материјалот кој неколку години го предавал на Верушевски.
Со сведочење на истиот сведок, одговарајќи на директни прашање на СЈО, рочиштето ќе продолжи на 21 ноември. Судењето беше прекинато доцна поладнево на барање на обвинетата Гордана Јанкуловска, а во согласност на обвинителите и на судечкиот совет.
Во „Таргет-Тврдина“ освен екс директрот на УБК, Сашо Мијалков, обвинети се и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.