Првите документи ги изнесов на екстерен диск што Звонко Костовски ми го даде во ходниците на МВР, изјави сведокот Ѓорѓи Лазаревски на денешното рочиште на предметот „Таргет-Тврдина“, објаснувајќи дека, доколку го застанеле и прашале што е тоа бил спремен да го скрши.
Според Лазаревски, првпат Звонко Костовски „експлодирал“ во 2010 година, но тогаш извадил само СМС пораки на це-де, а првите документи ги криптирал на екстерен диск. Документите ги чувале во база на податоци, која ја крстиле „алес“.
Појасни дека откако Звонко се нафатил да ги чуваат во податочна база, бидејќи знаел што е легално, а што нелегалното, му кажал дека бројот на нелегалните лица што се прислушувале ги надминува легалните и дека е невозможно се да се изнесе.
– Повеќе од година ми даваше це-деа, а подоцна и на стик. Откако проучивме како да ги извадиме податоците се поврзавме со Зоран Верушевски. На Верушевски дискот му го дадов кон крајот на 2010 година, изјави Лазаревски.
Појасни дека Звонко го правел изборот на таргетите кои потоа им ги предавал и затоа го викале „селектор“, додека Верушевски најчесто кажувал што треба, а што не бидејќи имало многу фајлови.
На почетокот се концентрирале на судија на опозицијата, но потоа увиделе дека се појавуваат актуелни функционери од владејачката партија.
– Звонко сметаше дека Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска се нелегално прислушувани и затоа ги вадеше и тие фајлови, изјави Лазаровски.
На прашање од судијата од каде бил сигурен дека нема судски налог за снимање, Лазаревски рече дека Звонко имал комплетна документација кои се легални, а кои нелегални.
– Во еден период Верушевски побара доколку може да бидат маркирани премиерот Груевски и директорот Мијалков. Ние тоа го свативме на шега, но ни беше побарано, изјави Лазаревски.
Претходно, на прашање од СЈО, Лазаревски објасни дека со работата на маркирачите подобро се запознал во 2012-2013 година, кога бил стациониран каде што се врши маркирањето, нагласувајќи дека тие со нив немале судски одлуки, односно носеле само маркери-стикери.
Според сведокот, клучната причина Звонко да се реши да ги експортира податоците било тоа да не се злоупотребува системот.
– Главен мотив му беше што кога со полициски упад се влезе во А1 телевизијата и тоа беше преломниот момент кога решивме ова да го направиме. На средба со Верушевски му кажав што мислам, а тој рече дека сето тоа треба да се зачува и изанализира, изјави Лазаревски.
Последното усб го предал во ноември 2013 година, а од МВР заминал на 31 октомври после закана од Грујоски дека доколку не замине ќе биде вклучен во процесот „Шпиун“, изјави сведокот Ѓорѓи Лазаревски на денешното рочиште на предметот „Таргет-Тврдина“.
Пред да си соочи со Грујоски од МВР, сведокот Лазаревски кажа дека Звонко Костовски му испратил порака, дека пет пати се гледал Марјан Ефремов кој е обвинет во „Шпион“ и оти е можно да го уапсат.
– Кога отидов кај Грујоски ми рече дека излобирал да не ме апсат и наводно се обидел само со дисциплинска да поминам ,но разбрав дека сака да си заминам. Бев револтиран и му реков дека веднаш ќе си заминам, изјави Лазаревски.
По моето напуштање на МВР, појасни Ларазевски, Звонко бил службено испратен кај него да дознае за неговите активности и тогаш му достави нови документи.
– После апсењето на Верушевски ми се јави Звонко кој бил во присуство на Грујевски и ми рече дека рекол дека ако јас сум инволвиран во тоа што се случува лично ќе ми го пресече гркланот. Сватив дека подобро е да пријавам што се случува. Пријавив дека материјалите му ги дале пет луѓе од МВР кои веќе се во странство, но побарав средба со Грујовски и таму кажав дека јас ги предадов на Верушевски, изјави Лазаревски.
Појасни дека пред да си оди од МВР ја избришал содржината од дискот и го предал во обвинителство.
Претходно, во својот исказ Лазазревски посочи дека имало три лица кои биле „парарепродуцери“, и кои правеле извештаи на нелегалните таргети пред се на јавни личности и политичари. Тоа го знаел, бидејќи Звонко Костовски бил системска поддршка на парарепродуцерите и се грижел за нивните компјутери.
– Верушевски беше прислушкуван и не само тој, туку и неговите деца и сопругата, изјави Лазаревски.
Прашан зошто Верушески бил избран за лице да му ги предадат материјалите, сведокот рече „бидејќи е професионалец“.
Во „Таргет-Тврдина“ освен екс директроот на УБК Сашо Мијалков, обвинети се и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.