Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица, од кои едното е осомничено за измама, а другото за лажно претставување.
Имено, првопријавениот М.М. во текот на 2020 и 2021 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, пред оштетените лица лажно презентирал факти дека наводно поседувал информации според кои ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води постапка против повеќе физички и правни лица. Притоа, за да го увери во вистинитоста на своите тврдења, на еден од наводно осомничените во таа постапка му прикажал Наредба со невистинита содржина, која ја изработил на својот приватен компјутер, за наводно отварање на предистражна постапка од страна на ОЈО за ГОКК, со што го довел во заблуда оштетеното лице. Тој од него побарал парична награда од 75.000 евра кои ќе му бидат исплатени во неколку наврати за да ги искористи своите конекции и врски што наводно ги имал со службени лица – истражители во обвинителството за да се запре постапката. М.М. служејќи се со лаги и манипулации го навел оштетениот да му даде 5.000 вра кои ги зел на 3 ноември на нивна средба во угостителски објект во Скопје со што го сторил кривичното дело „измама“, предвидено и казниво по член 247 став 3 вв став 1 од Кривичниот законик.
Второпријавениот В.С., со намера првопријавениот да прибави противправна имотна корист, на средба која се одржала помеѓу пријавените и оштетениот, лажно се претставил како вработен во Управата за финансиско разузнавање, а воедно и истражител во ОЈО за ГОКК, со што му овозможил на првопријавениот да го доведе во заблуда оштетениот дека М.М. има конекции, преку кои можел да издејствува да биде затворена наводната предистражна постапка, со што го сторил кривичното дело „Лажно претставување“, предвидено и казниво по член 391 од Кривичниот законик.
Судија на претходна постапка, одлучувајќи по предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на М.М. му определи мерка притвор во траење од 8 дена, со оглед да се работи за скратена постапка, додека на В.С. му определи мерки за претпазливост и тоа одземање на патната исправа и обврска лицето повремено да се јавува пред надлежен суд.