Во неколку наврати досега во земјава се забележани криминални шеми за заработка од целокупната состојба предизвикана од пандемијата. Но на криминалните шеми не наседнаа само физички лица, фирми и институции. Беше измамена и цела влада на една држава во регионов…
КРИМИНАЛОТ ВО ПАНДЕМИЈАТА СЕ ТРАНСФОРМИРА ВО НОВИ ФОРМИ И МЕТОДИ
Вториот поголем и посилен удар што го задава пандемијата на корона-вирусот, на големо ги отвори вратите за криминалните групи и нивните бизнис-шеми за поголема нелегална заработка во овие услови кога и нивниот „бизнис“ трпи. Откако поради целокупната состојба криминалните групи не можат да го реализираат своето работење како што го правеа тоа пред почетокот на епидемијата, тие многу итро се ориентираа кон населението во целост, а не како пред кризата кон одредена целна група. Со затворањето на границите, воведувањето карантини во повеќето држави низ светот, криминалците удрија на големо кон бизнисот со медицински средства, користејќи ги паниката и стравот кај населението. Таквата ситуација пристигна и во Македонија, откако во неколку наврати полицијата откри криминални групи што се обиделе да заработат со продажба на нелегални и непроверени медицински средства во земјава.
БИЗНИС СО ЛАЖНИ И ФАЛСИФИКУВАНИ КОВИД-ПРЕПАРАТИ И ВО ЗЕМЈАВА
Неодамна, Министерството за внатрешни работи откри криминална група од Виница што вршела незаконска продажба на несоодветни брзи тестови за детекција на ковид-19.
Две лица В.П. (35) и М.А. (46), заедно со едно правно лице од Виница, нуделе и продавале несоодветни, односно брзи тестови во врска со коронавирусот.
– Поради постоење основи на сомневање за сторено кривично дело „незаконско земање и користење генетски и биолошки материјал“, казниво по членот 210-а од Кривичниот законик, со наредба од јавен обвинител, бил извршен претрес во дом и други простории, при што во домот на В.П. се пронајдени седум ќесиња со натпис „ковид чек ТМ“ и едно шише од два милилитри со течност со натпис „буфер“, кои се одземени. До надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок, а и во наредниот период се преземаат мерки во врска со ваквите случаи – информираа од МВР.
За жал, ова не е единствен и прв сличен случај во земјава. Откако започна ширењето на ковид-19, во Македонија беа регистрирани неколку случаи кога вирусот беше користен за нелегална заработка.
Беше ограбена една од скопските клиники, од каде што беа одземени латекс-ракавици, кои потоа се препродаваа во некои продавници во градот. Се продаваа средства за дезинфекција насекаде, па дури и по пазарите, а оние што беа повешти со машините за шиење, заработија „дебели“ пари на маката на граѓаните да дојдат до заштитна маска, во услови кога за истите тие побарувачката беше поголема отколку за леб. Имаше случаи и кога криминалци порачуваа заштитни маски од македонски производители. Групата порачуваше маски, а производителот требаше да ги достави на извесна локација. Кога производителот пристигнуваше на локацијата, производителите беа пречекувани од сосема трето лице, кое, пак, им земаше две-три илјади денари, со образложение дека истите тие ќе му бидат вратени од нарачателот на друга локација. Многумина граѓани наседнаа на оваа измама и не само што не го најдоа нарачателот на заштитните маски туку и загубија парични средства.
Од МВР апелираат до граѓаните да им веруваат и да им се обраќаат само на овластени медицински лица што се матични лекари или епидемиолози на институтот или Центарот за јавно здравје и да не наседнуваат на вакви измами.
– МВР во координација со другите институции ќе ги санкционира ваквите појави, како што е случајот во Виница. Само така заеднички ќе придонесеме за справување со коронавирусот – информираа од министерството.
И ДРЖАВИ НАСЕДНАА НА ОРГАНИЗИРАНАТА ШЕМА
Во услови кога криминалните организации пронајдоа нов начин за заработка, тие удрија и по државите за да им продадат нелегални и непроверени медицински средства, кои беа нужни во борбата со коронавирусот.
Една од државите што беа дел од измамничката мрежа е Словенија. Со почетокот на пандемијата, најдефицитарни беа заштитните маски не само во Словенија туку и во целиот свет. Надлежните за набавка на заштитни маски ги порачале маските, но тие никогаш не пристигнале во земјата. Тие постојано контактирале со возачот на камионот што требало да ги донесе заштитните маски, но по некое време изгубиле секаков контакт, а маските никогаш не пристигнале на словенечка територија.
Тамошниот министер за одбрана, Матеј Тонин, тогаш истакна дека станува збор за класична измама и оти маските биле нарачани од извесно претпријатие од Босна и Херцеговина.
ЛАЖНИ ЛЕКОВИ И МЕДИЦИНСКИ СРЕДСТВА СТАНАА ПРЕДИЗВИК ЗА ИНТЕРПОЛ
Интерпол постојано открива нови нелегални пазари за продажба не само на заштитни маски и латекс-ракавици туку и на лажни лекови против ковид-19, витамини, но и вакцини против вирусот. Досега Интерпол се соочи со откривање, заплена и уништување на илјадници супстандардни заштитни маски и средства за дезинфекција, таканаречени корона-спрејови и слични производи.
Ризикот од користењето лажни и супстандардни производи може да биде огромен. Некои од нив, според анализите на Интерпол, дури содржеле арсен, отров за глувци и цемент во својот состав. Други производи, пак, биле украдени или, пак, несоодветно чувани со што нивниот квалитет и ефект биле целосно уништени.
И оттаму постојано апелираат до граѓаните никако да не наседнуваат на продавачи што нудат антиковид-производи по ниски цени со сомнително потекло.