Поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, оди во домашен притвор. Апелациониот суд го прифатил нејзиното барање и донел одлука затворскиот притвор да ѝ биде заменет со домашен.
Јанева во истражниот затвор во Шуто Оризари беше од 21 август годинава кога беше уапсена како второосомничена за случајот „Рекет“.
Таа неколкупати беше хоспитализирана во болницата „Жан Митрев“ поради проблеми со висок крвен притисок и анксиозност по што ѝ беше препишувана соодветна терапија и беше враќана во истражниот затвор.
Апелациониот суд ја донел ваквата одлука ценејќи ја здравствената состојба на ексшефицата на СЈО, како и околностите дека за неа е веќе поднесено обвинение. На Јанева ѝ е одземен пасошот, а државата нема да смее да ја напушти ниту со лична карта.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, очекува таа попладнево да излезе од истражниот затвор.
Првото рочиште за „Рекет“ е закажано за 3 декември.