Во пожар во селото Пиперево, кој избувна пред еден час, изгоре покрив од куќа. Во пожарот нема загинати и повредени, а причинета е поголема материјална штета.
Пожарот е изгаснат со интервенција на ТППЕ Струмица со две возила и осум пожарникари.
Денеска повторно е активен пожарот во граничниот појас на македонско-бугарската граница, над селото Бајково, општина Ново Село.
Според информации од теренот, пожарот гори на седум места, а вчера во гаснењето учествуваа и авиони на Дирекцијата за заштита и спасување.
-Очекувам денеска конечно да го изгаснеме пожарот со кој е зафатена ниска деградирана шума со трева, изјави Никола Ристов од Шумското стопанство „Беласица“ од Струмица.
Во гаснењето на пожарот учествуваат екипи на Гранична и Шумска полиција, општина Ново Село, Шумското стопанство „Беласица“, ТППЕ Струмица и Противпожарниот дом од Ново Село.