Синдикатот на правосудството го тужи поранешниот директор на затворот затоа што не им исплатувал надомест за превоз на вработените за периодот од 2013 до 2015 година
Бизарности со грешки во датумите на умрениците
Јавното обвинителство во Белград ја отфрлило кривичната пријава против поранешниот управник на казнено-поправниот дом „Белград“, Милан Павловиќ, поради несовесно работење во службата, откако, како што пишува во решението, тој починал на 12 февруари годинава. Отфрлањето на пријавата во случај на смрт на осомничениот немало да биде ништо невообичаено во практиката доколку Павловиќ не бил жив и здрав и заминал на годишен одмор. Тоа било причината да не оди на работа во специјалната затворска болница, каде што работи како заменик-управник, пишува српска „Политика“.
Дека тој бил навистина добро, новинарите се увериле кога му се јавиле на телефон и му објасниле дека обвинителството поради неговата наводна смрт ја отфрлило пријавата поднесена против него од страна на Синдикатот на правосудството, заради сомнение за несовесно работење додека бил на чело на затворот. Откако слушнал што му кажале новинарите, Павловиќ замолчел неколку минути, не знаејќи што да каже.
– Па, жив сум – изјавил тој и им рекол на новинарите да го информираат обвинителството за тоа.
Во решението за отфрлањето на кривичната пријава се наведува дека обвинителството имало увид во регистарот на матичната книга на умрени каде што било наведено оти Павловиќ починал на 12 февруари 2020 година, а неговата умреница е заведена во подрачјето за градот Краљево.
– Имајќи предвид дека тој е починат, односно дека по поднесувањето на кривичната пријава настапила смрт на осомничениот, што значи престанок на кривично гонење, донесов одлука кривичната пријава да се укине – напишала заменик-обвинителката за овој предмет Смиљка Стојановиќ.
Првиот јавен обвинител во Белград, Љубивоје Ѓорѓевиќ, изјавил дека направената грешка ќе биде поправена. Според неговите зборови, грешката била направена затоа што обвинителот што работел на случајот бил погрешно информиран дека Павловиќ е починат.
За да биде иронијата уште поголема, обвинителот што работел на случајот на почетокот на март оваа година, по наводната смрт на Павловиќ, распишал потрага по него, поради неможност да му ја достават поканата за сослушување за поднесената пријава. Пред распишувањето на потрагата, обвинителството трипати испраќало покани до Павловиќ, а сите три биле испратени пред неговата „смрт“.
Обвинителот што работел на случајот, на 5 март годинава се обратил до полициска станица што не е во реонот на местото на живеење на осомничениот, со налог за распишување потрага.
Адвокатот Милош Влаховиќ, кој работи како правен застапник на Синдикатот на правосудството на Србија, изјавил дека веднаш по добивањето на информациите, испратил приговор до обвинителството во кој навел дека осомничениот не е починат и оти постапката може да продолжи.
– Според информациите добиени од специјалната затворска болница во Белград, во која Павловиќ работел на местото заменик-управник, за што го известив надлежното обвинителство во поднесената пријава, добив информација дека тој се наоѓа на годишен одмор. Имајќи го предвид сето ова, му предложив на обвинителот да го усвои овој приговор во законски предвидениот рок од петнаесет дена од неговиот прием и да му наложи на основното обвинителство да започне кривично гонење на Павловиќ – истакнал тој.
Она што постапката против Павловиќ ја прави дополнително чудна е фактот што за кривичната пријава не било постапувано од август 2017 година, кога била и поднесена. Кога во март 2018 година во обвинителството било формирано одделение за борба против корупција, пријавата била проследена во ова новоформирано одделение. Тука пријавата стоела наредната година, по што со одлука на Апелациониот суд, на средината на мај 2019 година, била вратена во надлежност на Првото основно обвинителство.
При повикот за сослушување, ова обвинителство на Павловиќ му испратило четири покани, но тие се враќале назад. Причината за поднесување на кривичната пријава против Павловиќ е неисплаќањето надомест за превоз на вработените за периодот од 2013 до 2015 година.
Во меѓувреме, судот донел уште дваесетина пресуди во корист на вработените што поднеле тужби против поранешниот раководител на затворот, а на чија основа е исплатена отштета во висина од 20 милиони српски динари. Половина од оваа сума била исплатена на име судски трошоци и камати.