Царинската управа во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при МВР спроведе акција против нелегална продажба на режан тутун, при што на две одделни локации на територија на Град Скопје привремено се одземени 280 килограми режан тутун, со што избегната е наплата на акциза во износ од околу 500.000 денари. Против лицето ќе биде поднесена кривична пријава.
Во паралелна независна истрага на граничен премин Табановце по извршена детална контрола на товарно моторно возило, царинските инспектори од Одделението за оперативни работи привремено задржале 1.200 пакети (59.996 штеки) цигари со трговска „Марбл филтер де лукс“.
Стоката, со вкупна вредност по фактура од 6.155.280 денари е привремено задржана поради основано сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост.
– Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи, за кои се плаќа акциза, а кога ќе се најдат во малопродажба, истите мора да бидат обележани со контролни марки. Акцизите учествуваат со околу 22% во вкупните даноци кои ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13%, од кои над 5% се од цигари и тутунски производи. Соодветно на тоа, станува збор за значаен извор на приходи во буџетот на државата. Сериозноста на проблемот и обемот на штетите што нелегалната трговија со тутун и тутунски производи го предизвикува, бара од нас континуирани напори за да го спречиме нелегалниот промет на акцизни добра – велат од Царинската управа.