Министерството за внатрешни работи објави детали за вчерашната несреќа во која еден полицаец загина, а друг е повреден во сообраќаен инцидент додека обезбедувале место каде претходно се случила друга сообраќајка.

Како што информираат од МВР, во 19.05 часот на автопатoт Тетово-Гостивар, во близина на местото викано „Тумчевишка клучка“, автомобил „форд фокус“ со кичевски регистарски ознаки, управуван од 31-годишник од кичевското село Грешница, удрил во двајца полицајци П.Ѓ. и Ф.Ш. додека извршувале должност за обезбедување на место на претходно случена сообраќајна незгода.

Кратко потоа, автомобил „фолксваген голф“ со тетовска регистрација управуван од 39-годишник од селото Синичане, кој се движел во правец Гостивар-Тетово, удрил во еден од двајцата веќе паднати полицајци.

По незгодата, со амбулантно возило полицајците биле пренесени во медицинскиот центар Гостивар, каде кај П.Ѓ. била констатирана смрт, додека кај Ф.Ш. биле утврдени тешки телесни повреди.

По насока на јавен обвинител, 31-годишниот возач на „форд фокусот“ е уапсен во полициската станица Гостивар.


На инцидентот му претходела сообраќајка со три тешко повредени лица

На автопат Тетово-Гостивар, во близина на местото викано „Тумчевишка клучка“ вчера околу 18:50 часот се случила сообраќајна незгода меѓу автомобил „Бе-ем-ве“ управуван од 20-годишен гостиварец и „пежо“ управувано од 49-годишник од село Речане.

Во незгодата со тешки повреди се здобиле три сопатнички во автомобилот „пежо“ на возраст од 51, 48 и 27 години, инаку сите од гостиварско Речане.

Тие биле итно пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“, а на увидот на местото на настанот подоцна се случи и друг сообраќаен инцидент во кој животот го загуби еден полицаец, а друг е повреден.