Одбраната и обвинетите во случајот „Организатори на 27 април“ денеска треба да ги дадат завршните зборови во Основниот кривичен суд во Скопје.
Претходно, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, во своите завршни зборови рече дека обвинетите знаеле точно што прават, со единствена цел да се спречи формирањето на влада од веќе обезбеденото парламентарно мнозинство.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Кривичниот го води судијата Илија Трпков, а Рускоска е застапник на обвинението.