Гостиварското основното јавно обвинителство донесе наредба за истрага против лице од селото Чегране поради сомнение за сторено кривично дело обид за убиство.
Како што информираат од обвинителеството, осомничениот 33-годишник, на 4 јуни на гостиварската улица Илинденска, во близина на бензинска пумпа, се обидел да убие свој соселанец.
По претходен меѓусебен договор да се најдат на наведеното место, двајцата почнале меѓусебна расправија, по што осомничениот извадил нож од џебот и му задал два удара на оштетениот, во пределот на рамото и во задниот дел на главата, нанесувајќи му тешки телесни повреди.
По настанот, осомничениот се упатил кон полициска станица, каде што сам се пријавил како сторител нa делото.
Поради сериозноста на повредите, оштетениот бил префрлен од Ургентниот центар во Гостивар во Клиничкиот центар во Скопје.
Со оглед на тоа што постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, како и основан страв осомничениот да се обиде да го доврши кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.