Европската Комисија одблиску ги следи случувањата во северниот дел на Грција со групата бегалци и мигранти кои се упатиле кон Солун и наводно се обиделе да пробијат полициски кордон и да се упатат кон Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Ги следиме одблиску случувањата и во постојан контакт сме со надлежните грчки власти и агенциите на ЕУ – изјави портпаролката на ЕК, Тове Ернст.
Според информациите објавени во медиумите, околу петстотини бегалци, пред сѐ жени и деца, вчера се упатиле кон Солун поради лажна вест според која границата кон балканската рута ќе се отвори.
Еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, исто така е во контакт со властите во Грција, нагласија од Европската Комисија.
– Добивме уверување од грчките власти дека тие се мобилизирани за избегнување на нерегуларни движења, ќе продолжиме да вршиме мониторинг во текот на денот – изјави Ернст.