Адвокатот на Бојан Јовановски – Боки 13, Сашо Дукоски, по завршувањето на денешното судење за случајот „Рекет“ рече дека неговиот клиент има рак на желудникот и тој ќе бара преиспитување на мерката ефективен притвор и замена на таа мерка.
– Дијагнозата како што гледате е издадена пред два дена од Градската општа болница „8 септември“. За анализа се земени осум парчиња и утврден е карциом, односно рак на желудникот. Се очекува повторно утврдување на оваа фактичка состојба, но ова докажува во каква здравствена состојба се наоѓа Јовановски. Обвинетиот, видовте и денес, не е во состојба да го следи судењето. Човек кој постојано повраќа крв и не е во состојба да го прати судењето, не може да се одвива фер судење. Затоа ќе се бара преиспитување на мерката ефективен притвор и замена на таа мерка – рече Дукоски.
Од медицинската документација што ја приложи Дукоски, може да се прочита дека станува збор за дијагноза К25, што значи хроничен улкус (чир), но во документот стои дека постои сомнеж за малигнитет.
– Моментно е во полоша клиничка состојба, со болки, гадење и чести повраќања – стои во извештајот.