Обвинителството нема апсолутно никаков доказ дека јас сум купил, а подоцна и продал земјишта и сум купил станови за кои всушност постои писмен доказ дека се изнајмени. Ниту пак може да има доказ, бидејќи такво нешто не се случило, тврди поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во статус на неговиот фејсбук-профил, реагирајќи на сведочењето на неговиот некогашен близок соработник Мартин Протоѓер, на денешното рочиште за случајот „Плацови на Водно“. Груевски смета дека обвинителството се обидува и да дејствува врз сведоците во процесот.
– Протоѓер кажал дека понекогаш покрај политичките разговори сме разговарале и приватни работи. Всушност денес тој цело време говорел за наводни приватни разговори меѓу нас двајцата без присуство на трети лица, па на крајот и самиот на прашање на еден од адвокатите потврдил дека за тоа што го кажал нема никаков доказ. Оној дел од неговата изјава каде говори дека во некој момент сум му спомнал дека сум земал земјиште на Водно од 10 илјади метри квадратни не само што е неточна, туку ценам дека е дел од притисокот и уцената кој врз него систематски се прави од страна на партиски контролираното обвинителство. За волjа на вистината тој веднаш се коригирал на некој начин и тоа со три интервенции – пишува меѓу другото Груевски.
Поранешниот шеф на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, во случајот „Плацови на Водно“ сведочеше дека поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ лично му кажал оти купил плац од 10.000 квадратни метри.
– Мене ми беше невообичаено бидејќи околу 2012 година ми спомна дека земал некое земјиште од 10.000 квадрати некаде на Водно. За волја на вистината, за други детали не сме разговарале. Тој беше таков човек, сакаше да беше внимателен, претпазлив и ако не сака да каже нешто, не кажуваше – рекол Протоѓер во изјавата што ја пренесе „Фокус“.
Според обвинението, Груевски од 2006 до 2012 година како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така наводно прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Се тврди и дека од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно.