Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во текот на првото тримесечје на 2021 година, на територијата на државава се санкционирани вкупно 7.354 возачи на автопатните правци во земјава. Од вкупниот број санкционирани прекршоци – 7.056 се изречени во согласност со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а 298 во согласност со Законот за возила, информираат од Министерството за внатрешни работи

НАЈМНОГУ КАЗНИ ВО ЗЕМЈАВА ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ

Брзото возење е една од главните причини за смрт на патиштата во светот, а Македонија е една од земјите каде што автопатиштата се користат за „брзо и лудо“ возење и за меѓусебно тркање. Брзото возење за младите значи покачен адреналин и авантура, за кои можеби и воопшто не се свесни дека можат скапо да ги чинат.
Според истражувања направени пред неколку години од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, дури 86 проценти од возачите во земјава ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината, а 20 проценти од нив го прават тоа често. Ваквиот податок е загрижувачки и укажува на потребата за будење на свеста и разумот кај возачите за последиците од брзото и агресивно однесување во сообраќајот.

ВОЗАЧИТЕ НАЈМНОГУ САНКЦИОНИРАНИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ

И покрај зголеменото и секојдневно присуство на сообраќајната полиција на улиците во земјава, некои од возачите воопшто не се колебаат да го притиснат педалот за гас. Ризикувајќи го сопствениот живот, тие свесно го прекршуваат правилото за дозволена брзина, управувајќи со своите возила многу над дозволените граници.
За хоророт да биде уште поголем, голем е и бројот на оние што ги користат автопатите и скопската обиколница за тркање и меѓусебно мерење на јачината на моторите на автомобилите што ги возат.
И сето тоа чини невини животи, кои, при малку сообраќајна свест, би биле зачувани.
За некои од граѓаните ваквата слика е честа и, за жал, не само на автопатиштата туку и во градовите.
– Јас имам родители што живеат во Гостивар и често со автомобил патувам од Скопје во Гостивар. Тоа што се случува на овој автопат е страшно. Се вози брзо, бесно и лудо. Понекогаш сум сведок на трки, па прикочувам за да не ми се случи мене некоја несреќа – вели Лела Х.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи добиени од подрачните сектори за внатрешни работи што извршуваат работи од областа на сообраќајот на автопатот, бројката на санкционирани возачи во земјава е поголема од пет илјади возачи.
– Во текот на првото тримесечје на 2021 година, на територијата на државава се санкционирани вкупно 7.354 возачи на автопатните правци во земјава. Од вкупниот број санкционирани прекршоци – 7.056 се изречени во согласност со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а 298 во согласност со Законот за возила – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека од вкупниот број санкционирани прекршоци, мнозинството, односно 5.435, се за прекршокот „непочитување на брзина на движење на возилата ограничена со сообраќаен знак“.

ВОЗЕЊЕТО НАДВОР ОД ПРОПИШАНОТО Е ВИСТИНСКИ ОПАСНО

Пред да притиснат на педалот за гас, потребно е возачите свесно да размислат дека со тоа се впуштаат во голем број ризици.
– Силата на ударот на возило со брзина од 100 км/ч e еднаква на силата со кое ќе удри возилото при пад од зграда од 12 кат. Математички пресметано, силата на ударот се зголемува прогресивно со брзината. Со брзина од 60 км/ч, силата на ударот е голема. На 80 км/ч, силата на ударот е четири пати поголема, а на 120 км/ч таа е девет пати поголема отколку на 60 км/ч. Кај еден просечен возач, со секое зголемување на брзината за еден процент, ризикот за незгода се зголемува за два процента, веројатноста за сериозни повреди се зголемува за три проценти, а веројатноста за фатален крај се зголемува за околу четири проценти. Разликата во брзината со некој километар на час, е всушност разлика помеѓу лесна и тешка повреда, разлика меѓу живот и смрт. Брзото возење и последиците од него ќе ве следат целиот живот. Трајни физички последици или трајни лузни од грижата на совест дека сте одзеле нечиј живот – е наведено на интернет-страницата на РСБСП.

[email protected]