Откако започна пандемијата, сексуалните делинквенти имаат повеќе време да отвораат и да администрираат форуми каде што ќе можат да споделуваат содржини од областа на детската порнографија. Кои опасности ги крие интернет-мрежата Даркнет

Пандемијата во сојузништво со криминалот од областа на сексуалната злоупотреба на деца

Сексуалната злоупотреба на децата од страна на педофилите е едно од најмрачните повеќеслојни злодела што ги опишува криминологијата. Според истражување на криминолозите, пандемијата предизвикана од ковид-19 придонесе за зголемување на ваквите злодела.
Откако започна неконтролираното ширење на вирусот, децата како и сите други беа затворени дома. Учеа од дома, се дружеа од дома и се социјализираа од дома, низ интернет-просторот и социјалните мрежи. Во потрагата по предизвици, децата честопати забораваат на интернет-безбедноста и на опасностите што демнат оттаму. Сексуалните предатори, пак, максимално ја искористија пандемијата, поминувајќи го секое свое слободно време на интернет. Тие постојано го менуваат својот изглед на интернет за да останат незабележани од страна на полицијата, а често под лажни профили се зачленуваат во голем број детски интернет-страници.

ОПЕРАЦИЈАТА „ОТКРИЕН“

Операцијата на Интерпол наречена „Откриен“, во која Одделот за криминал против децата на Интерпол испрати предупредување до бразилските власти, доведе до апсење сексуален злоупотребувач на деца, кој со години на интернет објавувал видеа и фотографии од своите злодела врз децата.
Фотографиите и видеата содржеле експлицитна содржина од сексуална злоупотреба на две девојчиња на возраст од три и десет години. Уапсениот објавувал материјали на неколку форуми дел од мрежата Даркнет, каде што има стотици регистрирани корисници. Се верува дека еден од тие форуми е и најголемиот португалски форум за сексуална експлоатација на деца.
Обвинетиот повеќекратно ги информирал членовите за своите дела и активности и се фалел дека злоупотребувал повеќе деца. На деветти септември, полициските службеници во Сао Паоло го уапсија осомничениот и ги запленија неговите електронски уреди каде што ги имало експлицитните злоупотреби на децата што тој ги објавувал.

Жртвите на сексуалниот предатор биле идентификувани и им била одредена заштита, а истрагата сѐ уште е во тек.
Анонимната интернет-околина на сексуалните предатори им дава можност да разменуваат и да објавуваат материјали од сексуална злоупотреба на деца и им овозможува меѓусебно да комуницираат. Властите постојано работат на идентификација и на жртвите и на сторителите, како на црните и нелегални интернет-мрежи, така и на оние обичните, достапни за секој човек.
– За откривање на овие случаи понекогаш е потребно да поминат години, но ние никогаш не се откажуваме. Благодарение на посветеноста на истражителите низ светот, секогаш на крајот ги фаќаме сторителите на сексуална злоупотреба на децата – истакна генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.
Генералниот директор на Бразилската федерална полиција, Роландо де Соуза, истакна дека сексуалната експлоатација на деца е еден од посериозните видови криминал со кој се соочуваат полициите низ светот.

– Само со голема посветеност од страна на полицијата и ефективна интернационална соработка, ние можеме да одговориме на обврската да ги заштитиме децата – рече тој.
Неодамнешниот извештај на Интерпол исто така потврди дека за време на пандемијата на коронавирусот, зголемени се сексуалната експлоатација на децата и објавувањето видеоматеријали од истото тоа на Даркнет.
Откако започна пандемијата, сексуалните престапници имаат повеќе време да отвораат и да администрираат форуми каде што ќе можат да споделуваат содржини од областа на детската порнографија.

Што може да се најде на Даркнет

Од информациите достапни на интернет, може да се увиди дека понудите на Даркнет се различни. Па, така, како дел од понудата е хакирањето. За една лекција по хакирање, хакерите бараат 20 долари, за 90 долари се нуди хакирање на која било е-адреса на Г-маил. Хакирање профил на Фејсбук чини 19 долари. Купувачот добива програма за да може да го направи хакирањето сам, а со тоа самиот станува одговорен за стореното дело.
Фалсификувани пари исто така може да се побараат на оваа црна мрежа. Достапни се речиси сите валути што се исплатливи за фалсификување. Квалитетот и количеството варираат. Колку за пример, за 600 американски долари ќе добиете 2.500 фалсификувани, кои со гаранција на производителот можат да ги поминат стандардните проверки, вклучувајќи и инфрацрвена ламба.
Фалсификување документи, државјанства, лични карти, имиграциски документи, па дури и дипломатски картички исто така се достапни на оваа мрежа. За американска возачка дозвола купувачот треба да плати 200 долари.
На корисниците на располагање им се и пиштоли, пушки и експлозиви, кои се испорачуваат посебно спакувани за да можат да ја поминат рентгенската контрола. Продавачите истите тие ги кријат во играчки, инструменти и електрични уреди.

Внимавајте на „мрачната мрежа“!

Даркнет или во буквален превод „мрачна мрежа“, е дел од интернет-просторот за кој нам, обичните корисници на интернет, ни е потребен посебен софтвер за да му пристапиме. Еднаш кога ќе влеземе во оваа мрежа, на интернет-страниците и на другите услуги можеме да пристапиме како и на обична интернет-мрежа.
Она што е карактеристично за Даркнет е тоа што некои страници се ефикасно скриени и не можеме да им пристапиме со помош на пребарувач, туку само доколку ја знаеме ај-пи адресата на страницата. Исто така, во овој дигитален простор се развиваат посебни пазари, кои главно се занимаваат со нелегални активности, односно со дрога, оружје, криптовалути, порнографија и слично.
Црната мрежа целосно е анонимна и поради тоа за неа се одлучуваат само оние што сакаат да останат скриени од владините организации и агенциите, кои се задолжени за спроведување на законот. Од друга страна, пак, постојат и инфилтрирани корисници што ги користат информациите за да ги споделуваат со новинарите.
Сепак, најчесто оваа мрежа се користи од страна на педофилите, терористичките групи и криминалците за да ги скријат своите активности.

[email protected]