Судијката Васка Николовска Масевска му рече на обвинетиот Бојан Јовановски дека ќе го извади од судницата ако говори за неговата здравствена состојба.
На почетокот од судењето, Јовановски рече дека разговарал со затворскиот лекар, кој му кажал дека не може да гарантира за неговото здравје.
„Ординирана ми е терапија и пронајдени се улцерални промени, а за биопсијата не би сакал јавно да коментирам…”, рече Јовановски. Тој продолжи да говори за неговата здравствена состојба, а судијката го предупреди дека ќе го извади од судницата, ако продолжи да говори за неговата здравствена состојба.
– Ве опоменувам дека ако продолжите да говорите, ќе ве извадам од судницата – рече судијката.
Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен, Орце Камчев, во предметот „Империја“.
Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.
Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.
Обвинетиот Зоран Милевски, кој призна вина и доби 3 години затвор, договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.
Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра. Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, а Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари.