Две лица паднале од мотоцикл на коловоз
На лoкалниот пат село Горно Коњаре – село Четирце, Б.Ј. (43) од селото Четирце, Кумановско, управувајќи мотоцикл „jамаха“ со кумановски регистарски ознаки изгубил контрола над мотоциклот, по што паднал на коловозот. Б.Ј. добил тешки телесни повреди, а повреди добил и 17-годишен сопатник, по што биле пренесени во Општата болница во Куманово за укажување лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР-Куманово.
Приведени насилниците од Долно Соње
Во селото Долно Соње, Скопско, во куќа во сопственост на П.К. (56) од Скопје, каде што претходно имало семејна веселба, дошле лицата М.М. (27) и С. Т (24), кои од страна на сопственикот биле поканети и по кратко време заминале. Но набргу пак се вратиле при што С.Т. со себе носел ловечка пушка, а пак М.М. носел боксирач. Влегле во дворот на куќата при што М.М. го нападнал Б.К. (27) инаку син на сопственикот на куќата, а пак С.Т. испукал еден проектил во правец на неколку лица. Во тој момент лицето Н.К. ја фатило пушката што била во рацете на С.Т. по што вториот проектил бил испукан во воздух. По ова М.М. и С.Т. го напуштиле местото на настанот. Веднаш по известувањето на полицијата на местото на настанот се упатиле припадници на ЕБР и полициски службеници од полициската станица Кисела Вода, а лицата М.М. и С.Т. се пронајдени и приведени во станица за понатамошна постапка. Се работи на целосно расчистување на случајот.
Прилепчани среде улица поставиле маса и пиеле алкохол
Триесет и деветгодишниот З.И. од Прилеп пријавил дека истиот ден додека со неговиот татко В.И. (66) од Прилеп се движел со возило од селото Тројкрсти кон Прилеп, на патот наишле на паркирано патничко моторно возило „фолксваген голф“, а на самиот пат имало поставено маса на која седеле две лица што консумирале алкохол. Притоа З.И. ги замолил да го тргнат возилото за да можат да поминат, но истите тие одбиле да го тргнат возилото. Тогаш В.И му рекол на својот син да повика полиција, но во тој момент лицата физички ги нападнале при што на В.И. му нанеле видливи повреди во пределот на главата. Едното лице му го зело телефонот на З.И. а другото лице зело од масата нож и почнало да трча кон него, по што тој почнал да бега. Двете лица повторно го нападнале В.И. удирајќи го насекаде и цело време замавнувале со ножот за да го повредат. По кратко време З.И. и В.И. успеале да побегнат кон селото Тројкрсти и настанот го пријавиле во полиција. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.
Нападнала полициски службеник во Карпош
На ул. Блаже Биринчето, при преземање на службени дејства полициски службеник од ПС-Карпош бил нападнат од лицето М.С. штитеник во домот „25 Мај“, која со удар со рака го удрила во пределот на главата. Лицето е приведено во ПС-Карпош. Се работи на целосно расчистување на случајот
Касната од куче во Аеродром
Во Полициската станица во Аеродром З.С. (21) од Скопје пријавила дека на улицата Симеон Кавракиров била касната од куче скитник во пределот на левата рака.
По расправија се степале на Радишанска
Две лица го нарушиле јавниот ред и мир на улицата Радишанска, така што по претходна вербална расправија, тие го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка. За двете лица И.Ш. (47) и Т.Ш. (46) ќе биде поднесена соодветна пријава.