Бројот на жртви во сообраќајни несреќи во ноември е намален за 36 отсто во споредба со ноември минатата година, информира портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
– Споредено ноември 2020 година со ноември 2019 имаме за 21 отсто намален број на сообраќајни незгоди, за 36 отсто намален број на загинати лица, за 75 отсто намален број на загинати пешаци, а за 47 отсто е намален бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди – рече Ангеловски од Куманово.
Тој информира дека мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи деновиве спроведува засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Куманово, каде вчера се казнети 96 возачи.
– Евидентно е дека имаме подобрување на дисциплината на возачите на целата територија на државата, како резултат на овие засилени контроли, што пак се рефлектира и на значително намалениот број на сообраќајни незгоди и жртви – рече Ангеловски.
Тој кажа дека и на територијата на СВР Куманово е евидентно намалувањето на сообраќајни незгоди, особено оние со тешки телесни повреди, кои се намалени за 80 отсто, а вкупниот број на собраќајни негоди е намаен за 37 отсто.
– Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот – рече портпаролот на МВР.