Институциите треба да се насочат кон утврдување на имотот на избеганиот поранешен директор на тајната полиција и да се конфискува оној што е криминално стекнат, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Одговарајќи на новинарско прашање Спасовски објасни дека МВР нема увид во сметките на Мијалков.
– МВР не е институцијата која одобрува замрзнување сметки и други активности ниту пак ги гледа тие сметки. Управата за финансиско разузнавање има обврска за тоа да утврди колку и какви сметки има и тоа го прават. Прашањето треба да го насочиме кон тоа кој е имотот на Мијалков и да се конфискува, криминално стекнатиот имот треба да се конфискува, да се одземе во интерес на државата. Во тој дел треба да постапуваат институциите – рече министерот Спасовски.
Тој повтори дека имаат сознанија дека Мијалков уште е во Македонија, оти имаат увид на граничните премини од каде може да добијат информации во секое време. Спасовски рече дека нема податоци дали Мијалков има друго државјанство освен македонското.