Лажните комерцијални интернет-страници и профили на социјалните медиуми, речиси, се идентични со оние на познатите брендови. Нудат повеќе начини за контактирање на продавачот, можност телефонски да разговараат, преку е-адреси или, пак, преку формулари, а сето тоа на купувачот му дава чувство на безбедност дека станува збор за легални продавачи. Криминалците ги привлекуваат купувачите со масовно и квалитетно рекламирање, имитирајќи ги вистинските компании
Како функционираат лажните интернет-продажби?
Кога станува збор за заработка, криминалците постојано наоѓаат нови начини за да ги наполнат џебовите. Откако масовно се зголеми користењето на интернетот и услугите што произлегуваат од него, се појавуваат и нови начини на измами на граѓаните.
Во последно време, особено откако започна целата ситуација со корона-кризата, криминалците најдоа нов, пософистициран начин на заработка, пред сѐ поради масовното изолирање на граѓаните и затворањето на продавниците и кога живеењето речиси се префрли на интернет. Пазарењето за домашните потреби исто така се префрли онлајн, па тоа го направија и продавниците независно дали станува збор за храна, облека или за средства за хигиена. Целата таа ситуација беше плодна почва за да ги рашират криминалците своите пипала на оваа нова област и да се обидат да заработат колку што е можно повеќе.
Според сознанијата на Интерпол, измами се вршат од криминални фирми кога нешто се нарачува, а не се доставува до купувачот, особено кога станува збор за висококвалитетни производи, за кои првенствено се бара парите да се уплатат, па потоа да се достават производите. Парите се уплатуваат, а до уплатувачот не стигнува ништо од нарачаното. Ваквата измамничка шема им носи огромни заработки на криминалните групи.
Криминалците лесно можат да ја адаптираат понудата на производите, почнувајќи од заштитни маски, кои за време на епидемијата на коронавирусот се продаваат како алва, па до електрика, па дури и производи што секојдневно се купуваат. Колку е поголема продажбата, толку е поголема заработката. Понекогаш производите се продаваат во цели контејнери, па профитот лесно може да дојде до милионски суми.
Интерпол, следејќи ги зголемените пријави за вакви измами во кои купувачите никогаш не добиле никаков производ, минатиот месец лансира виолетово предупредување, за да ги предупредат своите 194 земји-членки за овој начин на функционирање на криминалните измами.
Во април годинава, кога започна целата ситуација со пандемијата и беа воведувани рестриктивни мерки во сите држави, беше забележана ваква криминална мрежа што користеше компромитирачки е-адреси за перење пари, која функционираше по принципот прво плати – па добиј. Вакви појави беа забележани во Германија, Ирска и во Холандија.
Веќе во март, како што растеше бројот на земјите што целосно ги затвораа границите, германските здравствени власти склучија два договора со наводни компании во Цирих, од кои „купија“ 15 милиони вредни заштитни маски. Секако, сето тоа беше измама.
Надлежните од Интерпол предупредуваат дека станува збор за организиран криминал и оти физичките и правните лица мора да бидат внимателни со купувањето.
– Спротивно на верувањето, овие видови измами не се водени само од еден човек. Станува збор за криминални групи што имаат широка мрежа за да воспостават интернет-страници на кои може да се реализира плаќање и со банкарски картички.
Факт е дека клучно за ваква огромна заработка е рекламирањето, со кое директно се навлекуваат потенцијалните жртви. Криминалците ги привлекуваат купувачите со масовно и квалитетно рекламирање имитирајќи ги вистинските компании, користејќи висококвалитетни фотографии и имиња на познати брендови, а им приоѓаат на купувачите поединечно или преку инфилтрирање во групи во кои уште полесно им се наметнуваат.
Лажните комерцијални интернет-страници и профили на социјалните медиуми, речиси, се идентични со оние на познатите брендови. Нудат повеќе начини за контактирање на продавачот, можност телефонски да разговараат, преку е-адреси или, пак, преку формулари, а сето тоа на купувачот му дава чувство на безбедност дека станува збор за легални продавачи.
Измамниците лажираат договори, лажираат дека работат во вистински продажни компании – предупредуваат од Интерпол.
– Откако купувачите ќе стапат во контакт со наводниот продавач, продажбата може да почне. Доколку купувач е правно лице, се преговара за цените на големо и потоа, продавачот наводно за истите тие чека одобрување од страна на претпоставените. Откако ќе се воспостави првичниот договор за купување, измамниците бараат од купувачот да плати однапред од 40 до 100 проценти од износот, во зависност од износот на нарачката. На крајот, на жртвите им се испраќаат линкови и броеви за следење на испораката додека да стигне до нив.
Криминалците се трудат да ја добијат довербата на купувачот. Па, така, користат терминологија со која им се додворуваат на купувачите, само за да ги извлечат нивните пари. „Вие сте мојот омилен клиент“, е само една од многубројните реченици што ја користат измамниците за да го намамат купувачот.
Но штом ќе ги добијат парите или ќе сфатат дека се откриени, ги прекинуваат сите контакти. Телефоните на кои купувачите контактирале со нив повеќе не постојат, никој не одговара на нивните електронски пораки, а и интернет-страниците се избришани. Жртвите се засрамени и шокирани, а најчесто не сакаат да ги пријават измамите во полиција.
– Криминалците, пак, веќе почнале со нова измама за нов производ. Доколку доменот е суспендиран или одземен, тие отвораат нови за да привлечат нови жртви. Кругот почнува одново – велат од Интерпол.