Истрагата за автобуската несреќа во која минатиот месец загинаа 45 лица на автопатот „Струма“ во Бугарија се ближи кон крајот, со што се очекуваат резултатите од увидот на експертите од повеќе области, кои би можеле да бидат готови и пред Божиќ, според директорот на бугарската Национална истражувачка служба Борислав Сарафов, кој даде изјава за „БНТ“.
Моментните податоци, според Сарафов, покажуваат дека брзината на автобусот веројатно била неусогласена со условите на патот, кој бил влажен поради врнежите во текот на ноќта на несреќата. Сарафов посочил и дека нема директна поврзаност помеѓу несреќата и патната сигнализација, иако можеби постои влијание, со што нагласи дека сигнализацијата очигледно не ги задоволува стандардите. Не е позната ниту причината поради која автобусот удрил во заштитната ограда.