Во 2018 година, од страна на Министерството за внатрешни работи биле евидентирани 31 случај на силување и 32 полови напади врз деца во Македонија. Сексуалното насилство предизвикува емоционално нарушување и промена во однесувањето на личноста

Според последните глобални статистики, 91 процент од жртвите на силување и сексуален напад се жени, а само девет проценти се мажи. Силувањето иако е сериозно криминално дело, не секогаш се пријавува. Овие податоци укажуваат дека станува збор за сериозен и глобален проблем. Анкетите на италијанскиот Национален статистички институт – ИСТАТ, покажуваат дека 91,6 отсто од силувањата и сексуалните напади не се пријавуваат. Случаите со силувањето не се ретка појава и во нашата земја. Во 2018 година, од страна на Министерството за внатрешни работи биле евидентирани 31 случај на силување.

Во извештаи на Светската здравствена организација – СЗО, кои се однесуваат на насилството врз жените, меѓу кои се вбројува и сексуалното насилство, се наведува податокот дека 42 отсто од жените кои биле жртви на разни видови насилство завршиле со телесни повреди. Според Националниот ресурсен центар за сексуално насилство од Пенсилванија, речиси една од 10 жени била силувана од страна на интимен партнер во нејзиниот живот.

Таков случај неодамна беше регистриран и кај нас, а обљуба врз жена изврши нејзиниот поранешен партнер. Случајот на силување во МВР бил пријавен само пред неколку дена, на 24 мај годинава. Четириесет и деветгодишната жена била малтретирана и врз неа била извршена обљуба од страна на 39-годишниот маж од Босна и Херцеговина, со кого претходно била во врска што таа не сакала да ја продолжи. Ваквите случаи не само што оставаат психолошки трауми, туку ја нарушуваат и здравствената состојба на жртвите. Стручните лица велат дека сексуалното насилство може да доведе до несакана бременост, а потоа и абортус, како и пренесување заразни болести. Сето ова, според констатациите на психолозите, сексуалните напади можат да остават трауми кај жртвите, да предизвикаат стрес, депресија, нарушувања во дигестивниот систем, дури и втурнување на жртвите во проблеми со алкохол и дрога.
– Жртвите по сексуалниот напад имаат голема можност да страдаат од самоубиствени или депресивни мисли. Најголем дел од жртвите на сексуален напад доживуваат пост трауматски стрес, други проследени симптоми може да се суицидните мисли, обидите за самоубиство и развивање на високо ниво на стрес и анксиозност. Истражувањата покажуваат дека жртвите на сексуален напад се склони кон користење на дроги, за евентуално полесно справување со трауматското искуство – вели психологот Јамина Јонуз.

Според Националниот ресурсен центар за сексуално насилство, една од четири девојки и едно од шест момчиња се сексуално злоупотребувани пред да наполнат 18 години. Триесет и четири проценти од луѓето кои сексуално злоупотребуваат деца се членови на семејството.

Според податоците од МВР, во 2018 година во Македонија имало 32 полови напади врз деца. Децата-жртви, пак, претрпуваат најголеми последици. Насилството, меѓу кое и половите дејства, може да се одрази на нивното однесување и да предизвика емоционално нарушување. Исто така, се споменува и опасноста од нивно асоцијално однесување во понатамошниот живот. Според психолозите, траумите се пострашни и од самото сексуално насилство.

– За разлика од возрасните, кај децата сексуалниот напад може да остави длабоки рани, затоа што се во процес на развој. Децата се сунѓери и поподложни на промени на личноста, таа се развива и обликува низ годините сѐ до нивното созревање.

Сексуален напад може да доведе до трајни промени во нивната личност, во размислувањата и дејствувањето во околината. Како развиени личности тие може да имаат проблем со одржување на функционална и блиска врска со својот партнер. Самата траума од несаканото искуство постојано опстојува во мислите на жртвата. Од тие причини, тие можат да развијат вечна недоверба, страв од интимни врски, да станат автодеструктивна личност и да имаат афинитет кон опојни супстанции – вели психологот Јамина Јонуз.

Во 2017 година имало 55 сексуални и 26 полови напади врз деца во Македонија. Доколку се направи споредба помеѓу 2017г. и 2018 година се забележува дека вкупниот број на сексуални напади е намален, но половите напади врз деца се зголемени. Според законот, најмалата затворска казна предвидена за полов напад врз дете што не наполнило 14 години е осум години затвор, а покрај затворска казна, се предвидува и забрана за вршење професија, дејност или должност. Инаку, истражувањата на СЗО укажуваат дека покрај тоа што жртвите на насилството имаат здравствени и психолошки проблеми, тие претставуваат и економски проблем на државата. Истражувањата покажуваат дека жртвите на насилство се изолираат, престануваат да одат на работа и поради тоа ја губат заработувачката.


Познати личности што преживеале полов напад

Според националната анкета за жртви на сексуално насилство, спроведена од Министерството за правда на САД, секоја година има 237.868 жртви на сексуален напад или силување. Неколку познати личности ја имаат несреќата да бидат вклучени во оваа статистика. Многу од нив одлучуваат да зборуваат за своите искуства за да им помогнат на другите жртви на силување за да продолжат со своите животи. Меѓу познатите личности што биле силувани пред да бидат познати, се наоѓа медиумската магнатка Опра Винфри. Домаќинката на забавна емисија била силувана од роднина кога имала само 9 години.
Винфри е отворена застапничка за преживеаните од злоупотреба и често го користи своето шоу како платформа за другите преживеани да ги раскажат своите приказни. За време на интервјуто во март 2017 година, Џејн Фонда откри дека била силувана и сексуално злоупотребувана како дете. Во декември 2014 година, Лејди Гага му откри на радиодомаќинот Хауард Стерн дека била силувана од продуцент, кога имала 19 години.
Нејзиниот албум „Sweeney“ се однесува на инцидентот. Познатиот актер од „Пулп Фикшн“, Тим Рот е жртва од инцест што се случил кога растел во Англија. Други познати личности што биле жртви на силување се Френ Дрешер, Ешли Џад, Тери Хачер, Габриел Унион, Шиа Ла Боуф, Тори Амос.

[email protected]