Инспекторот за насилен криминал Г.В., не се сеќава дека извршил разговор со осомничениот во предметот „Монструм“, Хаки Азири, кој во својата одбрана наведе дека бил малтретиран во полициска станица.
– Јас го знам како лице од истрага. Не се сеќавам точно кај кого точно сум извршил претрес. А сила не сум применил – изјави сведокот, истакнувајќи дека негова задача била само да изврши претрес, а оти потоа работел уште ден-два на случајот.
Осомничениот Хаки Азири, пак, го праша сведокот дали е повикана брза помош при претресот.
– Јас бев удрен, мојот 15-годишен брат, татко ми.. Зошто не е наведено во записникот дека е повикана брза помош – праша Азири, на што сведокот одговори дека брзата помош сочинувала записник.
Судењето за овој предмет го води судската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинените го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ (во бегство) и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд пред три години ги укина пресудите и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.