Полиграфот како една од методите во откривањето на вистината, секогаш се смета за една од поспецифичните алатки на полицијата. Во врска со т.н. детектор за лага, психологот и професор по психологија на криминалот на Криминалистичко-полицискиот универзитет во Белград, д-р Коларевиќ, направи интересен експеримент да го објасни функционирањето на детекторот пред јавноста и да отклони одредени заблуди или митови за полиграфот

Детекторот за откривање лаги помеѓу вистината, митовите и легендите

Во обид и со желба да ја тестира вистинитоста на полиграфот и да потврди или да отфрли некои од најпознатите митови во врска со овој апарат, д-р Коларевиќ, професорот по предметот Психологија на криминалот на Криминалистичко-полицискиот универзитет во Белград, направил експеримент заедно со своите студенти. Имено, тој ги поделил учесниците во експериментот, односно студентите во две групи: експериментална група и контролна група. Студентите во експерименталната група имале задача да симулираат кражба на паричник, додека студентите во контролната група требало да претставуваат примерни академски граѓани што биле на исто место, но не направиле ништо, односно не извршиле кражба.
Кога на студентите било извршено полиграфско тестирање за да се констатира кој го украл паричникот, полиграфот дал точен одговор во 75 проценти од случаите. Престанатите 25 проценти биле „крадци“ што успеале да го измамат полиграфот, но имало и такви поединци од контролната група што не направиле кражба, а биле прогласени за крадци.
Во кратки црти, тоа беше експериментот со кој д-р Коларевиќ сака пластично да ги илустрира „моќта и немоќта“ на полиграфското тестирање и да објасни дека дури и совршениот полиграфист греши во третина или четвртина од случаите, што е навистина висок процент.

Не е доказ за судските власти

Факт е дека полиграфот и полиграфското тестирање се непрецизно „дијагностичко“ средство во процената на вината на осомничените, па затоа не претставуваат доказ пред судските власти.
– Полиграфот не дава директен, туку индиректен одговор на прашањето дали некој лаже или ја кажува вистината. Со помош на овој апарат се мерат физиолошките реакции што стојат во основата на дишењето, работата на срцето и електричната проодливост на кожата, за кои се претпоставува дека се во врска со емоциите и кои не се под контрола на централниот туку на автоимуниот систем. За полиграфистот е важно кај испитаниците да детектира состојба на напнатост и страв. Се претпоставува дека личноста ќе излаже кога е исплашена, затоа што се плаши дека ќе биде откриена. Мерењето на физиолошките реакции на секое прашање во полиграфското тестирање се изнесува по правило дваесет секунди со што на испитаникот му се дава доволно време да ги прикаже реакциите што се значајни за анализата. Тестот трае неколку минути и се повторува неколкупати со исти прашања, додека во периодот пред тестот на испитаникот му се соопштуваат прашањата што ќе бидат поставени – вели д-р Коларевиќ.
Заклучокот дали некој е искрен или не, односно дали учествувал во реализација на кривично дело го изнесува полиграфистот, а не производот на машината.
– Детекторот за лаги не е посебно прецизен инструмент. Подобро е да се каже дека тоа е контроверзно дијагностичко средство. Иако во некои американски држави се користи како доказ во граѓански судски процеси, Американската психолошка асоцијација стои на браникот на тезата дека тоа не е доверливо средство. И во нашиот правен систем тој не претставува доказ на суд. Во полициска истрага главно служи за да се намали кругот на осомничени или да се добие признание, а не да се констатира виновникот – тоа е работа на судот – вели тој.

МОЖЕ ЛИ ПОЛИГРАФОТ ДА ИЗЛАЖЕ?

Одговорот на д-р Коларевиќ е дека полиграфот може да излаже. Тој вели дека полиграфистите му раскажувале дека на испитување им доаѓале луѓе што изгледаат како физиолошки семафори – црвени во лицето, со набрекнати жили на вратот, испотени и со краток здив, за кои биле убедени дека биле виновни. Но кога погледнале на апаратот, нивните физиолошки реакции биле прави линии на полиграфот, што значи дека и оние што се тренирани да ги контролираат своите реакции можат да го излажат полиграфот.
– Актерската професија е добар пример за тоа. Актерите се личности тренирани кај себе и кај другите да предизвикаат емоции, кои реално ги немаат и да поништат емоции што моментално ги имаат. Тие можат да ги контролираат вистинските и да глумат лажни емоции. Психопатите, односно лицата со нарушување на личноста исто така можат да го поминат детекторот затоа што немаат емотивна компонента што ги поттикнува физиолошките реакции. Тие, едноставно речено се „ладни како мраз“ – вели експертот.
Како што заклучува тој, точноста и прецизноста на полиграфот може индиректно да се утврди, како и во неговиот експеримент, или така што ќе се погледнат судските пресуди и ќе се види дали оние личности што полиграфистот ги оценил како неискрени на крајот се осудени. Мнозинството научни студии досега се обединети во заклучокот дека доверливоста на полиграфот е измеѓу 60 и 80 проценти.