Никола Војминовски, кој е осуден за обид за убиство на Зијадин Села на 27 април, денеска пред судот сведочи за крвавиот четврток во Парламентот, во случајот што се води против 33 други лица за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Одговарајќи на прашања од адвокатите тој рече дека во Собранието влегол со намера да им помага на повредените. Кажа дека неколку дена пред настаните на 27 април се сретнал со поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Оливер Андонов, токму пред Собранието, каде биле и пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски кои рекле дека единствен начин да се реши ситуацијата е да се отворат вратите на Собранието, како што и се направи на 27 април.
Војминовски нагласи дека неколку пати учествувал во протестите на „За заедничка Македонија“ и додаде дека и дента на 27 април бил пред Владата од каде се упатиле кон Собранието, а кога толпата тргнала кон Собранието, како што кажа, бидејќи имал болки од претходна операција се одлучил да оди накај дома и затоа се упатил кон возилото што му било паркирано пред црквата „Св. Димитрија“. Додека одел натаму му се јавил пратеникот Љубен Арнаудов, кој му рекол да дојде пред Собрание, но не го послушал. Подоцна му се јавил Дарко кој му рекол каде си, овие влегоа во Собрание, по што отишол во Собранието и видел дека вратите се отворени и влегол во пленарната сала. Таму покрај Љубен Арнаудов го видел и пратеникот Сашо Василевски, кого го познавал од порано, а подоцна бидејќи не знаел каде да оди почнал да следи некои лица од обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски и од Шестата управа кои имале направено шпалир и ги насочувале луѓето од прес-центарот.
Пред прес-центарот, како што рече, го видел тогашниот министер за здравство Никола Тодоров кој бил избезумен бидејќи не можел со медицинските екипи да им даде помош на повредените пратеници. Тој заедно со министерот неколку пати се обидувал да влезе во салата, но толпата ги мавала со се. Потоа се качил во канцеларијата на Тодоров и таму им помагал на повредените.
Војминовски рече дека во меѓувреме дошол високиот полициски службеник Момчило Сталетовиќ, кој му рекол на Тодоров дека не може да ги добие надлежните на телефон и не знае што да прави, а Тодоров, пак, како што кажа, му одговорил„ слободно преземај дејствија јас ти давам наредба“, по што била спроведена акција и биле ослободени пратениците од сала 3.
Претходно пред судот сведочеше Лукман Селими, припадник на Единицата за брзо распоредување. Тој кажа дека на 27 април 2017 година бил втора смена и оти бил испратен во Собранието за одржување на јавниот ред и мир, а тоа, како што појасни, подразбира дека таму биле само со лично вооружување, односно со пиштол, а панцирот и автоматското оружје го оставиле во возилото.
Селими рече дека пред Собранието биле пет групи од ЕБР составени од по пет полицајци. Кога масата ја прескокнала оградата пред Собранието две од групите добиле наредба да одат пред вратата на Собранието за да спречат влез, но не стигнале на време и биле спречени од масата. По обидите од 15 до 20 минути да влезат пред вратата, некој ја отворил вратата од внатре и полицајците заедно со толпата влегле во Собранието.
Првично, како што кажа Селими, се поставиле на скалите над влезната врата и се обидувале да ја спречат толпата да влезе, а по некое време влегле лица со фантомки од кои едното ја извадило фантомката и рекло на масата да одат по него кон салата 3, каде што се пратениците.
Како што рече Селими, припадниците на ЕБР не биле информирани каде се пратениците и тие тргнале по лицето со фантомка до прес-салата. Таму во неколку наврати се обиделе да влезат внатре, но не успеале. Во 20:40 часот нивниот надреден добил наредба да употребат средства за присила и да влезат во салата. Но, никој од припадниците на ЕБР, како што рече тој, немал во себе средства за присила.
Лично нему еден од припадниците на единицата „Тигар“ кои ги обезбедувале скалите му понудил да му даде две шок бомби и тој прифатил и ги зел бомбите. Кога ја фрлил првата шок бомба не успеале да влезат во салата, но кога ја фрлил втората масата попуштила на налетот и тие влегле во салата и таму во еден ќош ги виделе пратениците.
При влезот во салата, како што рече Селими, со тврд предмет бил удрен по десната аркада и почнал да крвари. Прва помош пружила медицинска екипа и тој повторно се вратил во салата за да им помогне на пратениците. Потоа успеале да ги евакуираат пратениците во собранискиот подрум и да ги испратат со возила надвор од Собранието, а околу 24 часот отишол во Градската болница каде бил сошиен со три конци. Потоа, добил наредба да се врати во базата на ЕБР во Ѓорче Петров од каде биле пуштени да си одат дома.
Денешното рочиште после еден час пауза треба да продолжи со сослушување на сведокот Орданчо Соколовски.