Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика достави известување до Основно Јавно Обвинителство – Скопје во кое ги образложи сите мерки и активности кои беа преземени во насока на расчистување на случајот пријавен од страна на Државната изборна комисија (ДИК).
– Во текот на истрагата беа обезбедени податоци и логови за функционирањето на системот и делови од системот за поддршка на изборниот процес во Државната изборна
комисија. Податоците беа обезбедени од повеќе институции и компании кои беа вклучени во изборниот процес. Од доставената пријава и анализата на податоците се констатираше дека при крајот на изборниот процес, а особено во текот на објавувањето на прелиминарните резултати бил регистриран ДДоС напад кој што бил насочен на страницата за сумирање на резултатите од изборите на Државната изборна комисија (ДИК) и кој влијаел на оневозможувањето на публикувањето на резултатите од апликацијата на дедицираниот сервер за објавување на прелиминарните резултати – соопшти МВР.
Во анализата биле опфатени и податоците од „Дуна компјутери“.
– Дополнително при анализата на податоците кои ги добивме од фирмата „ДУНА КОМПЈУТЕРИ“, а се однесуваат на податоци и датотеки извадени од серверите (дата бази и логови од системите) за наша понатамошна анализа за можни проблеми со функционалноста на истите, не е утвредено нефункционирање на системите или застој во процесот на безбедносната автентикација на корисниците за прием и внес на резултатите од изборните комисии – се наведува во анализата.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика истакнува дека истрагата продолжува во насока на утврдување на ИП-адресите од каде што е пристигнат нападот, собирање дополнителни информации за нарачателот, како и утврдување на други причини за неможноста на објавувањето на прелиминарните резултати од изборите.
– Секторот за Компјутерски криминал и дигитална форензика во соработка со Јавното обвинителство ги користи сите механизми за меѓународна соработка со интернет сервис
провајдери кои се надвор од наша јурисдикција, со цел добивање на податоци за корисниците на нивните сервиси. Истрагата за овој случај продолжува во насока на утврдување на ИП-адресите од каде што е пристигнат нападот, собирање на дополнителни информации за утврдување на нарачателот на овој напад, како и утврдување дали имало други причини кои влијаеле или се поврзани со неможноста на објавувањето на прелиминарните резултати – гласи заклучокот на соопштението.