Фото: Игор Бансколиев

Нов „тренд на забава“ е забележан во нашата земја. Имено, сѐ почесто се забележува слика како деца пукаат со воздушни пушки низ улиците. Тие стрелаат во животни, во уличните светилки, во кантите за отпадоци… Оружјето како да е нешто сосема нормално во секојдневниот живот на некои од граѓаните, вклучувајќи ги и малолетниците

МАЛОЛЕТНИЦИ „СИ ИГРААТ“ СО ВОЗДУШНИ ПУШКИ

Неодамна во тетовското село Врапчиште се случи немил инцидент, во кој малолетник користејќи воздушна пушка повреди друг малолетник. За среќа, на повредениот му била укажана брза лекарска помош, а се работи на расчистување на случајот, односно да се утврди како шеснаесетгодишникот што управувал со оружјето дошол до оружјето и воопшто како се случил инцидентот. Во Скопје новинарските екипи на „Нова Македонија“ во повеќе населби од лично искуство забележале отворено носење воздушни пушки во јавност, дури и стрелање на цели во реката Вардар.
За жал, тетовскиот пример не е прв случај каде што малолетници пукале од оружје, независно дали станува збор за огнено или за пневматско оружје.
Македонија има голем број инциденти од користење оружје од малолетници, но и на разни семејни прослави. Низ градовите и општините во земјава речиси нема прослава без пукотници, а доста често се случува да се слушаат пукотници и без прослави во кој било период од денот. За жал, опасноста од користењето оружје не е предвидена од страна на оние што го користат оружјето, бидејќи земјава бележи смртни случаи како резултат на заскитани куршуми.

– Живеам во скопската населба Синѓелиќ, каде што навистина е доста стресно живеењето. Постојано се слушаат пукотници од пиштоли, а неретко се слушаат и пукотници од автоматско оружје. Да му е страв на човек да излезе надвор, затоа што лесно може куршумот да заврши во случаен минувач – вели Зоран Крстевски.
Ништо подобро не е ниту во скопски Чаир, за каде што жителите велат дека не се случило една семејна прослава да помине без пукотници.
– Независно за која националност станува збор, независно дали поводот е свадба, сунет, раѓање на дете, секогаш, ама секогаш, тоа е доволна причина за некој од славениците да извади пиштол и без никаков срам и страв да пука. Воопшто не е сеедно кога знаете дека речиси сите ваши соседи поседуваат некакво оружје, кое при некој инцидент многу лесно можат да го употребат – вели Диме Стојановски.
Доста честа слика се и децата што играат со воздушни пушки низ улиците. Пукаат во животни, во уличните светилки, во кантите за отпадоци. Оружјето како да е нешто сосема нормално во секојдневниот живот на некои од граѓаните, вклучувајќи ги и малолетниците.
Несовесното однесување на оние што го користат оружјето не само што го ризикува нивниот живот, туку го доведува во опасност и животот на оние што во моментот на користењето на оружјето се наоѓаат околу нив. Исклучок не се ниту оние оружја што наместо куршуми испукуваат дијаболи.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во членот 27 од Законот за оружјето е регулирано дека пневматското оружје може да се набавува од полнолетно физичко лице од стрелачки и ловечки друштва, правни лица-корисници на дивеч во ловишта, како и од научни институции, државни органи и други правни лица заради вршење работи што спаѓаат во рамките на нивната редовна дејност, а се однесуваат на заштитата на луѓето, односно животните или животната средина.
– Физичкото или правното лице што набавило оружје е должно во рок од осум дена од денот на извршената набавка на оружјето да го пријави оружјето кај надлежниот орган, за што се издава потврда. Во согласност со членот 80 став 1 точка 7, глоба во износ од 600 до илјада евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице што поседува оружје од Д-категорија за кое не е издадена потврда од надлежниот орган (членот 27 став 2). Во согласност со членот 81 став 1 точка 4, глоба во износ од 500 до илјада евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице што во пропишаниот рок нема да го пријави набавеното оружје од Д-категорија (членот 27 став 2) – велат од МВР.
Оттаму додаваат дека во согласност со членот 82 став 1, глоба во износ од пет илјади евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице што врши продажба на оружје од Д-категорија на лице што не ги исполнува условите од членот 9 став 1 точка 1 на законот (членот 27 став 1).

[email protected]