Ова не е првпат припадници на ИСИС да бидат уапсени во земјава. Според извештајот на Стејт департментот за тероризмот во светот во 2019 година, Националниот комитет за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот проценува дека 156 македонски државјани се приклучиле кон терористичките групи во Ирак и во Сирија. Од нив, 36 загинале, 37 останале на местата за борба, а дури 83 се вратиле во Македонија
По откривањето на терористичката група кај Куманово
Министерството за внатрешни работи во соработка со Агенцијата за национална безбедност и со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција презеде оперативно-тактички мерки и активности што резултираа со сузбивање, односно приведување тричлена терористичка група чија идеолошка матрица е иста со онаа на Исламската држава. Оваа терористичка тричлена група имала намера да реализира терористички акции во земјава. Тие се лишени од слобода.
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал – Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против Б.А. (28) од Куманово, со престој во Скопје, за сторено кривично дело „терористичка организација“, предвидено и казниво по членот 394-а став 1, и „тероризам“, по членот 394-б став 6 в.в. став 1, како и против В. А. (22) и Е.Љ. (25), двајцата од Куманово, за сторени кривични дела „терористичка организација“, по членот 394-а став 2, и „тероризам“, по членот 394-б став 6 в.в. став 1 од Кривичниот законик. Б.А., В.А. и Е.Љ. се рецидивисти, односно повратници, лица што претходно за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ од членот 322-а од Кривичниот законик биле правосилно осудени и издржале казна затвор.
Скриено оружје кај Менкова Колиба
Како што информираат од МВР, на почетокот на 2019 година, А.Б. создал терористичка, односно злосторничка организација, во која членуваат В.А., Е.Љ. и уште неколку лица, и заедно ја формирале злосторничката организација „Ќелија“, со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера на изведување терористички акти чии цели би биле на територијата на Македонија.
– За остварување на таа намера, членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголемо количество оружје, муниција и воена опрема, кое го скриле и складирале во близината на локалниот пат меѓу селото Биљановце и селото Пчиња, во месноста Менкова Колиба. На споменатата локација се пронајдени: пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач, пет запалки со осигурувачи и други предмети.
Освен тоа, извршени се претреси во домовите и во други простории кај лицата Б. А., В. А. и Е. Љ. на вкупно четири локации, од кои три на подрачјето на Куманово и една на подрачјето на Скопје. При извршените претреси се пронајдени и одземени: два појаси рачно изработени исполнети со прашкеста материја (експлозив), метални кугли (лагери) монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурувач за експлозивна направа, лаптоп-компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ-картички, електронски уред со објектив, две УСБ, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви, возило „ауди А-3“ и друго.
ИСИС во Македонија
Ова не е првпат припадници на ИСИС да бидат уапсени во земјава. Минатата година во февруари, Министерството за внатрешни работи по претходно разменети информации и сознанија со партнерска земја постапуваше со оперативно-тактички мерки за разбивање радикални структури што биле поддржувачи на ИСИС. Тие реализираа идентификација на можните организатори на терористички напади, логистичари и потенцијални реализатори на нападите.
-Повратниците од ИСИС се главна закана за земјава и според извештајот на Стејт Департментот за тероризмот во светот во 2019 година. Според извештајот, Националниот комитет за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот проценува дека 156 македонски државјани се приклучиле кон терористичките групи во Ирак и во Сирија. Од нив, 36 загинале, 37 останале на местата за борба, а дури 83 се вратиле во Македонија.
Според извештајот, минатата година немало терористички напади во земјава.
Државјани на Македонија што биле припадници на ИСИС беа уапсени и во Турција во 2016 година. Тие беа екстрадирани во земјава и против нив беше поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.
Балканот – нова цел
Во 2015 година беше објавена видеоснимка насловена „Честа е во џихадот, порака до Балканот“, која говореше за историјата на Балканот и за муслиманските заедници во Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и во другите земји од околината. Со оваа видеопорака, членовите на Исламската држава ги повикаа преостанатите муслимани од земјите на Балканот да одат во Ирак и во Сирија, каде што би можеле безбедно и достоинствено да живеат со своите семејства, а оние што не можат да го сторат тоа, да ги нападнат диктаторите во Косово, Македонија и во Албанија, како и нивните војски.
ИСИС е непризнаена терористичка држава, која под своја контрола држи големи делови на Ирак и Сирија, а помали делови на Либија и Нигерија. Формирана е во 2014 година, првобитно како милитантна група. Избивањето на граѓанската војна во Сирија им даде можност за проширување на активноста на Запад.