Адвокатот на Ејуп Алими, Мефаил Арслани, го повлече предлогот до судот во предметот „Титаник 3″, да биде испитан неговиот клиент.
Обвинитеката Фатиме Фетаи побара од судот да се прочита исказот на Алими даден како осомничен. Алими потоа стана и рече дека на испитувањето немало записничар, а со обвинителот правеле слободен муабет.
-Ако го имате тоа, согласно цел буџет што го трошите, барајте како било тоа направено. Вие ми кажавте дека сум дојден во својство на сведок. Ги злоупотребувате другите сведоци. Кога бев повикан како сведок, немаше записничар или друг човек. Само она и јас и слободен муабет. Јас го добив документот. На ѕид ги потпишав документите од СЈО – рече Алими.
Тој говореше дека не верувал оти луѓе со интегритет во СЈО ќе ја злоупотребат положбата.
Во врска со изборите во 2013 година, обвинетиот координатор на ДУИ Ејуп Алими, на записникот даден во ноември 2016 година во СЈО, изјавил дека тој ден кога било гласањето ја чекал сопругата, која била претседател на избирачкиот одбор и се поздравил со присутните, а не влегол воопшто во просторијата за статистика.
-Мојата сопруга Јетмире беше претседател на избирачкиот одбор во општина Чаир. Ја чекав сопругата во холот од 15 до 20 минути дури не заврши. Не влегов во просторијата за статистика. Не сум разговарал со никого од Општината – изјавил Алими на записник, кој лично го потпишал и кажал дека нема забелешки на записникот.
Претходно во судот рече дека немало записничар и дека биле само тој и обвинителката Фетаи.
На следното рочиште во декември во видеоконференциска врска треба да сведочи клучен сведок на СЈО од Германија, кој судот се мачеше со месеци да го обезбеди.
Во „Титаник 3“, кој е пред пресуда, обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури. Тие како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал.
Според обвинението, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ.