Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПРАВОСЛАВНИТЕ ВЕРНИЦИ ГО СЛАВАТ ВЕЛИГДЕН

Црвената боја на велигденските јајца има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ги претставува божјата сила и моќ, а наедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на Земјава. Бојата на јајцето нѐ потсетува и на Христовата крвта и на спасението

Православните верници в недела го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ ќе биде објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а со вечерната богослужба ноќта во средата завршуваат великопосните богослуженија и продолжуваат посебни богослужби, со друг состав и со особено значење. До Велика среда во богослужбените текстови има поттик за плач на луѓето заради својата грешност, а од Велики четврток започнува поинаков плач на верниците – плач од глетката на ужасните страдања, мачења и распнување на Христос Спасителот. Тогаш се испомешани чувствата на плач и радост – плач за маките на Христос, а радост поради нашето спасение и благодарност кон Бога.

Најголемиот христијански празник

Воскресение Христово, Велигден, е најголемиот христијански празник.
На овој ден православните христијани се кршат со вапсани јајца во црвена боја, со што го означуваат Христовото воскресение, при што велат: „Христос воскресна“, „Навистина воскресна“. Овој поздрав православните христијани го користат во секоја пригода сѐ до празникот Вознесение Христово, Спасовден.

Според толкувањата на теолозите на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, се случило воскресението на Господ Исус Христос, со што ја извојувал најголемата победа за луѓето, победата над гревот и смртта.
– Иако луѓето сѐ уште умираат и ќе умираат до крајот на светот и времето, сепак, смртта веќе нема власт над човечките души за да ги држи во Адот, туку луѓето, доколку живееле правилен и добродетелен живот, воскреснуваат за трајна заедница со Бога. Воскресението Христово и неговото доаѓање во светот биле проречени уште во Стариот завет – велат теолозите.

Според нив, на овој настан му претходеле многу други случувања, како Христовото влегување во Ерусалим, кое го празнуваме на Цветници, Тајната вечера, за која се сеќаваме на Величетврток, Христовото распнување и погребение, кое го одбележуваме на Велипеток.

На Велики четврток се вапсуваат првите јајца

Вапсувањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во сиот христијански свет. Вообичаено јајцата се вапсуваат пред изгрејсонце в четврток. Домаќинките вапсуваат три црвени велигденски јајца.

Според теолозите, оваа црковна традиција потекнува уште од првиот век по Христа, во времето на светите апостоли. Велигденското јајце е старо колку и христијанството.
Многумина се прашуваат зошто баш црвеното јајце е традиција за овој голем христијански празник.Како што објаснуваат теолозите, велигденското јајце црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да вапсуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Такам поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедаат својата вера во воскресението. Оваа практика е запазена во светото православие до ден-денес, па верниците со овој поздрав се поздравуваат сѐ до Вознесението Христово, Спасовден.
Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ги претставува божјата сила и моќ, а наедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето нѐ потсетува и на Христовата крв и на спасението.

Велика сабота, денот меѓу смртта и воскресението

Сабота значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на покојникот, ден на најголемиот покој и на најголемиот покојник.

Велика сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Велипеток и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.

Денот на големиот покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој.

Овој е денот на оплакувањето на покојникот. Тогаш, мајка му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразуваат болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. За нас, па, ова е ден за солзи на љубовта и благодарноста.

Велика сабота е определена како ден за чување на гробот. Денес сите сме крај Христовиот гроб. Се поклонуваме пред плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението и положено во гробот. Тоа е украсениот Христов гроб, среде црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме воскресението.

Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето.
Велика сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото воскресение.

Точно на полноќ се објавува Христовото воскресение, со што завршуваат 40-дневните пости.