Христина и Јане работат индивидуално, секој на свои проекти, но и заедно. Тие се редок пример на двојка што функционира одлично и приватно и професионално
2022 година им беше година преполна со настани во која имаа заеднички и самостојни проекти во Романија, Франција, Словенија, Германија, Косово и во Македонија
Се познаваат уште од 14-годишна возраст. Израснале заедно. Биле во ист клас во средното уметничко училиште кога првпат почуствувале меѓусебна љубов.
Визуелните уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски добро ѝ се познати на македонската јавност, и по својата појавност и топлина, и по делата што ги создаваат. Тие се автори со исклучително богата и репрезентативна кариера на светската уметничка сцена. Нивните дела, реализирани во различни медиуми и на различни теми во последните две децении се изложувани во земјата и странство на значајни манифестации, како Манифеста и Венециското биенале.
Самостојно изложувале низ разни делови од светот, па не е чудо денес да ги видите во Берлин, а утре некаде во Кина.
Изминатата година им беше посебно успешна, а нивните проекти и дела имаше можност да ги види и светската јавност низ повеќе градови низ светот.
– Ние сме од онаа генерација што пишуваше писма, и зборуваше на жичен телефон. Мислам дека тоа јасно кажува колку долго се знаеме! Денес сме родители на Теодор, нашиот син роден 2010 година. Нашата љубовна приказна има епски пропорции и не се објаснува така лесно. Само едно би кажал, дека сѐ што сме создале заедно е доказ за таа љубов – вели Јане Чаловски.
Покрај 12-годишниот Теодор, рамноправни членови на семејството се и вдомените кучиња Лили, Дино и Луки, како и мачорот Мачорче.
– Стануваме многу рано зошто имаме три кучиња, кои треба да ги прошетаме, и седмоодделенец кому наставата му започнува во 07:30 часот. Најчесто работиме од дома каде, за среќа, имаме услови бидејќи тоа е нашата канцеларија и студио. Зависно од обврските, се завршува она што е приоритетно. Нашата работа е врзана и со многу комуникација, пишување и разработка на идеи, а секогаш има и координаторски и административни обврски со надворешните соработници на даден проект. Но, најважно е да се направи ред и да се одвои времето за работа од времето за забава – објаснува Христина.
Поради кучињата јавноста може и по двапати во денот да ги види на кејот на Вардар или, пак, во Градскиот парк, каде често се запознаваат со истомисленици што имаат вдомено и чуваат миленици. Заедно учат, готват, меѓусебно се предизвикуваат и се сакаат.
– Кај нас, бидејќи веќе шеста година како живееме и се грижиме за три прекрасни вдомени кучиња по име Лили, Дино и Луки, и еден интезивен мачор, на кој му остана името Мачорче, спасен една зима од врвот на Водно, никогаш не е досадно. Синот обично ни поставува кулинарски предизвици, Христина е експерт за експериметирање со мексиканска, јапонска, индиска и македонска кујна. Јас знам да направам одличен сендвич со чипс од страна! Учествуваме во солидарни донаторски акции за помош на сограѓани на кои им треба финасиска и морална поддршка. Редовно сме во комуникација со помлади колеги и помагаме со консултации и менторство. Мене ми се чини дека денот не е доволно долг за сѐ да се постигне. Ние ѝ се радуваме на работата и на сите обврски, но сакаме и кога се дружиме, патуваме, летуваме и забавуваме семејно – раскажува Јане.
Христина и Јане работат индивидуално, секој на свои проекти, но и заедно. Тие се редок пример на двојка што функционира одлично и приватно и професионално.
– Далеку сме од беспрекорно функционирање. Во нашиот случај идеалното е што неизмерно си веруваме и се надополнуваме учејќи заедно и почитувајќи го заемното. Сакаме да градиме подобри светови, тоа е нашата заедничка инспирација! Опркужени сме со прекрасни луѓе за соработници во кои имаме голема доверба и од кои очекуваме објективна критика кога ни е потребна. Според мене, таа отвореност и желба за константно подобрување и развој, е подеднакво важна како за индивидуалните, така и за заедничките, т.е. колаборативните проекти и дела – вели Јане.
Христина тврди дека тој успех се должи на долгогодишното познавање и на грижата еден за друг.
– Многу долго се познаваме, повеќе од триесет години, а заедно работиме повеќе од дваесет. Ја делиме љубовта кон уметноста и еднакво сме ѝ посветени. Мислам дека она што нѐ одржува заедно е што никогаш не ни е досадно. Тоа не значи дека секогаш ни е супер забавно, но секогаш си задаваме нови предизвици кои нѐ одржуваат во добра мисловна и креативна кондиција. Поткрепа и поддршка сме си еден на друг, и сите обврски околу домот, синот, миленичињата ни се заеднички и ги делиме меѓусебе – смета Христина.
Во годините на изолација поради короната, просторите за уметност и култура секаде низ Европа и пошироко беа затворени за јавноста и ги ставија во мирување своите изложбени програми, но Јане и Христина не престанале да работат. Нивната работа тој период била пред сѐ истражувачка и студиска. Крајот на 2021 година ја издале публикацијата „Македониум: Драматургија на незавршеното“ базирана на истражувањето на архивските материјали донирани од семејството Грабулоски на Државниот архив во Скопје.
Затоа, пак, 2022 година била преполна со настани во која имале заеднички и самостојни проекти во Австрија, Романија, Франција, Словенија, Германија, Косово, и во Македонија.
– Започна со моето учество во групна изложба и предавање во рамки на дводневна конференција во Кунстлерхаус во Виена, курирани од мојата драга колешка Ана Хофнер. Потоа работевме со нашата драга и истакната режисерка Теона Митевска, со која сме другари уште од средно, на снимање на филм според драмски текст, кој го развив од архивираните записници околу изградбата на споменикот, а објавен во книгата „Македониум: Драматургија на незавршеното“ – раскажува Христина.
Потоа Јане заминал во Германија и Франција каде го комплетирал и претставил најновото истражување за делото на архитектот Паскал Шунинг во рамки на самостоја изложба во соработка со Архивот на авангардата од Дрезден и Архитектонската асоцијација „La Premiere Rue” во Брие, Франција. Во Темишвар, Романија, пак, ја поставиле изложбата „Доколку постои приказна“ во просторот на фондацијата „Арт енкаунтерс“. Ова било нивно самостојно претставување во Романија, курирано од Дијана Маринцу, а биле изложени индивидуални и заеднички дела создадени од нивното претставување на Венециското биенале во македонскиот павиљон во 2015 година до денес.
– Во Темишвар бевме ментори и на 8 млади локални уметници, кои создадоа нови самостојни дела поттикнати од нашата методологија на работа, а кои потоа беа интегрирани во нашата изложба. Исто така бевме исклучително горди на соработката во рамки на „Скопје викенд на гордоста“, програма курирана од Славчо Димитров и Билјана Тануровска-Ќулавковски, каде беа поставени наши индивидуални дела што се осврнуваат на квир-ахривизмот кај нас. Христина премиерно го изведе и нејзиниот најнов перформанс „Документот што недостига: перформанс бр. 6 (Ќерка)“ во Музејот на современата уметност – објаснува Јане.
Токму тој перформанс Христина била поканета да го изведе и во Националната библиотека во Приштина, а и да постави избор на дела од истиот циклус во Националната галерија во рамки на престижното европско биенале „Манифеста 14 Приштина“.
Веднаш потоа, во септември, во Музејот на современа уметност Метелкова учествувала со делото „Лесна акумулација на капитал“ во рамки на групната изложба „Уметност на дело“ курирана од Зденка Бадовинац, Бојана Пишкур, Игор Шпањол и Ана Мизерит. Годината ја завршила со самостојна изложба во Музејот на РС Македонија со наслов „Документот што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“ на покана на ЦИНИК и Тиииит! Инк. и нивниот фестивал „Прво па женско / Десет години будни“ како дел од истражувањето кое го иницираа Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска со фокус на заборавеното прво женско списание на македонски јазик „Македонка“, објавувано од 1944-1952 година како Орган на АФЖ (Антифашистичкиот сојуз на жените).
– За мене исклучително значаен проект беше претставувањето на мојата најкомплексна инсталација досега од процесот на реанимирање на уништениот архив на Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје како дел од изложбата „Урбан Текст“ во Институтот за исламски култури, кокурирана од Фалма Фшази и Беренис Салиу – вели Јане.
Во мај, 2022 во соработка со Маргарита Арсова од МКЦ и Хајан Алхабиби ја основале и поставиле „Градиднина“, во рамки на МКЦ како инстуционална пермакултурна градина во Скопје. Во работата учествувале и средношколци од гимазијата „Никола Карев“. Во моментот работат на илустрирана книга по текст на средношколката Ева Божиновска со наслов „Гаја и градината“, а во соработка со илустраторката Душица Димитровска и графичката дизајнерка Кристина Горовска и ученичките од средното уметничко училиште: Мирјана Спасоска, Јана Стефановска и Елена Апостоловска.
– Тоа беше можеби најубавото искуство за нас! Во 2023 година продолжуваме со овој проект и со нови едукативни активности – велат двајцата уметници.
И Јане и Христина се граѓани на светот. Нивните дела се рамо до рамо со оние на светските уметници, па не ни чудо што и реакциите во светската јавност се воодушевувачки.
– Нашиот свет е многу широк и благодарни сме за сите врати што ни се отвориле и за сите професионални и лични искуства. Чувствувам дека „светот“ ни вели да продолжиме да го работиме тоа што го сакаме и во кое сме комплетно предадени. Бидејќи не постоиме и не работиме во вакуум, домашната и меѓународната подршката што ја добиваме е исклучително значајна – вели Христина.
Сепак, и покрај одличното претставување пред светот, тие за свој најголем успех го сметаат својот син Теодор, како и проектите поврзани со Македонија.
– Горди сме на сѐ што сме постигнале досега, и заедно и поедничечно. Најгорди сме што сме родители на едно исклучително момче, нашиот Теодор. За сите овие години сме постигнале многу, а имаме уште толку многу планови. Горди сме на „Прес ту Егизт“, мала но значајна организација што сплоти многу млади уметници куратори од 2004 па сѐ досега, и придонесе да се етаблира поимот за уметничко и кураторско истражување во современа уметност кај нас. Посебно сме горди на тоа што заедно со другарите и колегите од независната културна сцена 2012 година го етаблиравме Јадро – Асоцијација на независната културна сцена во Македонија, национална мрежа со над 50 членки, која оваа година слави 10 години постоење. Преку Јадро во 2019 година го постигнавме најголемиот заеднички успех досега, а тоа е етаблирањето на Културно социјалниот простор „Центар-Јадро“ во партнерство со општина Центар. Малку се цени тој успех, а е нешто што и меѓународната сцена ни го признава како извонредно значајно колективно постигнување во кој е вложено многу заеднички и волонтерски. Тоа е првата хибридна институција од културата на принципот на јавен/граѓански концепт во Македонија и помога на сите активни поедници и групи во независната културна сцена кај нас – велат двајцата уметници.
За живеењето од уметност велат дека е тешко, но не и невозможно, а за посветеноста и вложувањето во уметноста не постои работно време.
– Во суштина тоа за мене значи да го прифатам фактот на постојана финансиска нестаблност и грижа. Но, исто така значи истрајност и максимална посветеност и покрај сите реални предизвици. Нема потреба од романтизирање на статусот на самостојниот уметникот, барем не кај нас во ова општество на сѐ поголеми и видливи социоекономски неправди и разлики – вели Јане.
За себе велат дека не го гледаат светот со розови очила, туку онаков, каков што е, убав, но и суров.
– Нашата уметност е ангажирана и најчесто произлегува од контекстот во кој живееме, што значи дека светот не го гледаме со розови очила, туку онаков каков што е, прекрасен, но и суров и неправеден. Преку уметноста што ја создаваме сакаме да посочиме на проблемите со кои се соочуваме, а не се секогаш видливи. Сакаме да ја подигнеме свесноста и на институциите и на граѓаните за нашата (не)грижа околу архивирањето и дискурзивното промислување на минатото, зошто сепак сме заедница од народи со длабоки историски корени – заклучува Христина.
Оваа година тие се исправени пред нов предизвик. Работат на нова заедничка инсталација на покана на хрватскиот кураторски тим WHW во рамки на групна изложба со значајни имиња од светот на уметноста каде фокус е колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје. Изложбата ќе се отвори на 20 април во Кунстхале во квартот на музеите во срцето на Виена.
Тие не планираат да престанат да создаваат. А покрај личното задоволство што ќе го имаат, македонската јавност ќе го има двојно повеќе зашто ја има честа во своето секојдневие да ги има овие двајца граѓани на светот.