Интервју со Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово
Димитриевски: Граѓанското здружение „За наше Куманово“ прераснува во едно државно, републичко граѓанско движење, во кое секојдневно се приклучуваат голем број индивидуалци од различни професии, од различна политичка провениенција, но и граѓани што воопшто не се политички определени, граѓани од различна етничка, верска и национална припадност
Како градоначалник на Куманово, град во кој започна македонското народноослободителното востание во 1941 година, чиј исход беа АСНОМ и создавањето на македонската држава, дали сметате дека денес се загрозени тие асномски темели на македонската државност?
– Во асномските документи се содржани темелите на формирањето и постоењето на македонската држава, но и историскиот континуитет за вековната борба на македонскиот народ за создавање своја слободна и независна држава. Ќе наведам само неколку реченици од тие историски документи. Во декларацијата донесена на заседанието на АСНОМ се вели дека: сите граѓани на Р Македонија се еднакви и рамноправни според законите, без разлика на нивната етничка, верска и национална припадност. Дали денес тоа е така? Дали законот е еднаков за сите, односно дали е правдата иста за сите? Во првото решение донесено на АСНОМ се вели дека официјален јазик во Р Македонија е македонскиот јазик и се прогласува за службен јазик. Дали денес македонскиот јазик е предмет на негирање на еден од нашите соседи и дали со потпис на актуелната влада се негирани македонскиот јазик и македонскиот идентитет? Во второто решение усвоено на АСНОМ се прогласува 2 Август (Илинденското востание) за народен и државен празник на македонскиот народ и македонската држава. Дали денес постојат обиди за заедничко чествување на Илинден и 2 Август од една наша соседна држава? Дали актуелната влада се согласи со едно такво заедничко празнување? Наведов само неколку суштински реченици од асномските документи и за истите тие поставив прашања.
Верувам дека ќе се согласите дека сите темели на асномското заседание денес се загрозени, нарушени, не се почитуваат и не се во сила. Денес повеќе од кога било се потребни сеопшто македонско обединување и одбрана на македонскиот јазик, идентитет, историја, култура и посебност. Исто како што нашите предци го правеле тоа за нас, ние им го должиме тоа на идните поколенија.
Можеби историјата се повторува. Куманово и Прилеп во далечната 1941 г. биле први во своето револуционерно дејствување и во борбата за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор. Силно сум убеден дека повторно од Куманово и од Прилеп ќе почне сеопшто граѓанско движење, кое ќе ја врати Р Македонија на вистинскиот пат и ќе ја претвори во една достоинствена, модерна и европска држава.
Евроинтеграциите на Македонија, особено во последниве пет години, предизвикаа една силна внатрешнополитичка центрифуга, која издиференцира различни политички гледишта и приоритетни принципи во визијата за европската иднина на земјата. Минатата година, пред локалните избори, вие и официјално се издвоивте како независен политички субјект (здружение на граѓани) од вашата претходна матична партија СДСМ. Од тоа граѓанско движење на локално ниво најавивте, а и јавноста очекува, нова политичка енергија и мисла што ќе им парира на веќе утврдените позиции на големите партии. Како напредува вашата иницијатива за креирање ново политичко движење?
– Здружението на граѓани „За наше Куманово“ не би го нарекол политички субјект. Одлуката за тоа дали ќе прерасне во политички субјект сѐ уште не е донесена. Јас сум приврзаник на опцијата дека ова граѓанско здружение прераснува во едно државно, републичко граѓанско движење, во кое секојдневно се приклучуваат голем број индивидуалци од различни професии, од различна политичка провениенција, но и граѓани што воопшто не се политички определени, граѓани од различна етничка, верска и национална припадност. Граѓанското здружение „За наше Куманово“ на последните локални избори излезе со своја визија, понуда и програма пред граѓаните на Куманово и ја доби нивната доверба, извојувајќи убедлива победа пред партиите што се присутни на политичката сцена повеќе од 30 години. Оттука се поставува следното прашање: зошто тоа да не се преслика и на републичко ниво. Во овој момент кај граѓаните постои заситеност од постојните политички субјекти, а сѐ поизразени кај нив се желбата и мотивацијата да се приклучат кон едно ново движење што ќе биде „од граѓаните за граѓаните“. Иницијативата за вакво нешто не е моја, туку доаѓа од жителите на секоја општина одделно каде што се присутни навистина голема енергија, волја и идеи за напредок во државата и за подобар живот за граѓаните.
Претходно имате кажано дека планирате со вашето граѓанско здружение да си ги измерите силите на претстојните парламентарни избори, било да се вонредни или редовни. На кој дел од гласачкото тело имате намера да му се обратите, кој политички простор да го освоите?
– Во ваков политички амбиент кога во државата и кај граѓаните постои една зачмаеност, депресија и разочарување од политичката понуда, за мене и за мојот тим се наметнува задачата да овозможиме и да го артикулираме гласот на граѓаните т.е. да учествуваме на следните парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени, и сите заедно да извојуваме голема победа. Ќе се обратиме до сите, без разлика на нивната партиска и етничка припадност, и очекувам да се приклучат сите оние што сакаат да припаѓаат на еден концепт за чесно, одговорно и домаќинско работење. Очекувам да се приклучат сите граѓани што сакаат да ја видат Македонија без корупција и криминал, Македонија со дефинирани, патриотски и национални политики, Македонија во која ветените проекти ќе се исполнуваат, Македонија на солидарност и соживот и Македонија во која главниот збор ќе го имаат граѓаните, а не партиските поединци.
За да го добиете вториот мандат како градоначалник на Куманово се обративте директно до граѓаните на вашата општина, отфрлајќи ги привилегиите (но и предрасудите) за кандидат заштитен од партиската машинерија. Потценето ли е, потиснато ли е во Македонија правото на граѓаните да бидат самомислечки личности што самостојно ќе одлучуваат за сопствената судбина и за иднината на заедницата во која живеат?
– Куманово е вистински пример дека сѐ уште постои надеж за подобро утре. Граѓаните на Куманово докажаа дека се самомислечки личности што не подлегнаа на партиските притисоци, самостојно одлучија и се изборија за сопствената судбина. На мирен и достоинствен начин ја одбраа опцијата, а со тоа и својата иднина во заедницата во која живеат. Граѓаните на Куманово одбраа искрени и вистински реално остварливи проекти, а не празни ветувања. Граѓаните на Куманово се определија за програмата на граѓанското здружение „За наше Куманово“ и со тоа јасно покажаа еден револуционерен пристап, но го изразија и својот став за тоа какво Куманово сакаат понатаму. Уверен сум дека сите граѓани во Македонија го носат тој дух во себе, бараат правда и еднаквост и ќе успееме заедно по примерот на Куманово да им ја вратиме државата на граѓаните, бидејќи истата таа во моментов е узурпирана од поединци.
Препознавате ли во Македонија политички потенцијал за достоинствен излез од јазолот на услови и уцени во т.н. француски предлог на преговарачката рамка на ЕУ? Препознавате ли во овој предлог услови што го загрозуваат македонскиот национален идентитет – историја, јазик?
– Да направиме една ретроспектива како дојде на маса францускиот предлог. Во 2017 г. беше потпишан Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија. Во јавноста овој договор беше предмет на критики, посебно во делот што се однесуваше на, наводно, „заедничката историја“. Но сепак можам да констатирам дека реакцијата на јавноста не беше доволно силна за да се спречи потпишувањето на овој договор. Веднаш потоа следуваа провокативни изјави од страна на одделни високи политички претставници од Бугарија што се однесуваа на негацијата на постоењето на македонскиот народ и јазик. Следуваше скандалозното интервју на тогашниот премиер на Македонија, господин Зоран Заев, за бугарската телевизија БГНЕС, во која истиот тој тврдеше дека во Македонија и во Бугарија живее ист народ, дека бугарските војски, наводно, во Втората светска војна го ослободиле Куманово и дека, наводно, Бугарија тогаш била администратор, а не окупатор. Бев меѓу првите што јавно и во континуитет, но и во рамките на мојата тогашна партија СДСМ, остро ги критикуваа ваквите политички тези и изразив силно несогласување со ваквите погрешни ставови, кои носат долгорочни последици по државата и нашиот народ, а наедно и генерираа маса незадоволство во очите на јавноста. Потоа, од многу европретставници доаѓаа различни предлози за можни решенија што ќе ѝ го отворат патот на Македонија кон ЕУ и сите беа одбиени од нашата влада, вклучувајќи го и францускиот предлог. Многу уцени и видни притисоци. Изненадувачки, седум дена по одбивањето на францускиот предлог се појави таканаречениот старо-нов „модифициран“ француски предлог и истиот тој беше прифатлив за Владата. За мене овој предлог е целосно неприфатлив, штетен и директно задира во македонските национални интереси. Овој предлог, во ваква форма, не ѝ го отвора патот на Македонија кон нашата стратегиска цел, почеток на преговори со ЕУ, туку ја зголемува можноста за долгорочна блокада од страна на Р Бугарија и претставува опасност за асимилација на македонскиот народ, т.е. бугаризација, а ние како држава еден билатерален проблем го трансформираме во мултилатерален проблем, кој до недоглед нѐ остава во европската чекалница. Во вториот протокол што се криеше од јавноста, потпишан од министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, кој сега е дел од преговарачката рамка, јасно се наведени одредбите и темите, но и условите што треба да ги исполниме за да ги почнеме преговорите со ЕУ: говор на омраза, ревизија на учебниците, промена на написите на спомениците, рехабилитација на жртвите од комунизмот, отворање и оспорување на идентитетот на македонските историски личности и сл. Секако, како прв услов од овој француски предлог е наведено вметнувањето на Бугарите како државотворен народ во нашиот устав. На крајот можам да констатирам дека Владата на Македонија доби меѓувладина конференција за сликање, поткрепена со пиар-стратегија за некаков наводен успех, а нашите граѓани во Македонија добија големо понижување и дополнителни фрустрации поради тоа што никој не го слуша нивниот глас и се чувствуваат понижени.
Дали иницијативите за референдумско изјаснување поврзани со францускиот предлог се соодветниот начин за достоинствено решение на евроинтеграциските предизвици? Дали со овие иницијативи навистина се загрозува, односно самите си го блокираме напредокот во нашата европерспектива?
– Би сакал да ја потсетам јавноста, но и граѓаните, дека за време на дебатата за францускиот предлог, здружението на граѓани „За наше Куманово“ на своите вонредни седници на претседателството и собранието дискутираше за оваа тема и донесе единаесет заклучоци што ги достави до Владата на РМ и до Собранието на РМ и силно се спротивстави на прифаќањето на францускиот предлог. Еден од заклучоците е предлог и поддршка за одржување референдум на кој граѓаните ќе имаат можност да го искажат својот став во врска со францускиот предлог. За вакви државни и национални прашања, кои го одредуваат патот на Македонија, свој став и мислење мора да изразат граѓаните преку институцијата референдум. За жал, Владата си дозволи луксуз без каква било консултација со граѓаните, самостојно да го прифати францускиот предлог и тој стана дел од преговарачката рамка за почеток на преговори на РМ со ЕУ. Јас сум прагматичен и реален политичар. Следната влада и новиот министер за надворешни работи ќе имаат тешка задача во рамките на постојната преговарачка рамка да најдат начин како овој француски предлог да се подобри и редефинира во заемен интерес на двете страни, притоа не повредувајќи никого, а наедно и самиот меѓудржавен договор, кој остава голем простор во иднина да се креираат нови незадоволства и проблеми. Ќе бидат потребни многу труд и напорна работа со помош на нашите европски пријатели, многу членови од овој предлог да се изменат и дополнат, а сепак да продолжиме по нашиот стратегиски курс, а тоа се НАТО и ЕУ.
Соочени сме на внатрешен план со предизвикот на енергетско-економската криза, за која се прифати европскиот консензус дека е произлезена како последица на руско-украинската криза. Дали македонските политичко-економски елити имаат капацитет да се носат со оваа криза?
– Не би се согласил дека енергетско-економската криза во Македонија, високата инфлација и сѐ полошиот стандард на граѓаните се исклучиво резултат на руско-украинската криза. Точно е дека воениот конфликт што се води на почвата на Европската Унија има огромно влијание врз политичко-економско-енергетските движења како на територијата на цела Европа така и во Македонија. Сепак, неспособноста на Владата да предвиди, превенира и да преземе одредени мерки во сите области, како во економијата така и во енергетиката, силно влијае на стандардот на граѓаните, но и на стопанските субјекти, кои со високите сметки за електрична енергија стануваат нерентабилни, а сведоци сме на затворање или на привремено мирување на сѐ повеќе компании. Производството на електрична енергија во нашата држава е на најниско можно ниво (а тоа се должи на недоволните вложувања и слабото одржување и управување со енергетските капацитети). На прагот на зимата државата сѐ уште ги нема обезбедено потребните енергенти (гас, јаглен, нафта), инфлацијата е галопирачка, а граѓаните се на работ на егзистенција. Владата не знае да се носи со овие предизвици и следува тежок период за граѓаните, практично ќе се бориме да преживееме.
Која е вашата визија за иднината на Македонија?
– Во изминатиот период, интензивно заедно со мојот тим работиме на јасна визија, програма и проекти со кои како граѓанско движење ќе настапиме на следните парламентарни избори. На Македонија ѝ е потребен сериозен план за развој спроведен од поединци, реализирани во своите професии, без претходни хипотеки, чесни и одговорни луѓе, патриоти што ќе ги штитат националните и државни интереси и ќе се посветат на реализација на ветените проекти.
Македонија со нулта корупција, Македонија со јасно дефинирани закони што ќе важат за сите, Македонија со еднаква правда за сите, Македонија со многу капитални инвестиции, Македонија со рамномерен регионален развој, Македонија со силно образование и здравство, Македонија со мала, ефикасна, добро платена и професионална јавна администрација, Македонија со јасен план за земјоделството и туризмот, Македонија со среќни студенти и пензионери, Македонија со модерен и ефикасен социјален систем, Македонија на слобода, соживот и право на став, Македонија со независни медиуми, Македонија што ќе биде место за сите, Македонија во која ќе има среќни и задоволни граѓани, Македонија во НАТО и во ЕУ. Таква Македонија посакувам.