Наводите за злоупотреба на терапијата за рак на Клиниката за онкологија предизвика низа реакции од сите страни. Надлежните уверуваат дека се прибираат докази и се истражуваат наводите за сторени кривични дела, а граѓаните и пациентите вчера излегоа на протест пред Влада и пред Јавното обвинителство, барајќи одговорност од последните тројца министери за здравство.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, вчера на прес-конференција уверуваше дека ќе бидат транспарентни во текот на целиот процес и ги охрабри сите здруженија на пациенти со карцином, поединци или групи, кои може да помогнат во истрагата да ги контактираат институциите.
-Никој од здравствениот систем нема и не смее на ниеден начин да се обиде да ги заштити престапниците. Будно ќе го следиме процесот, и доколку поединци во здравствениот систем се обидат да ја манипулираат истрагата, остро ќе реагираме. Дополнително, ги охрабруваме сите здруженија на пациенти со карцином, поединци или групи, кои може да помогнат во оваа истрага да не контактираат нас и институциите на прогонот. Мора сите заедно да придонесеме за обезбедување на сите потребни информации и што потемелна истрага – истакна Меџити.
Апел да не се генерализира и час поскоро надлежните органи да ги откријат виновниците упати и в.д. дирекорката на Онкологија, д-р Виолета Клисаровска. Таа побара да се отфрли таканаречената колективна вина над целиот медицински тим што ја руши довербата пациент–лекар.
За случајот Онкологија, Јавното обвинителство најави дека сите наводи за Клиниката за онкологија ќе бидат истражени, а сторителите на кривични дела гонети.
– Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање на сторители на кривични дела, презема и други дејствија кои во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста – информираат од Јавното обвинителствот на Македонија.
Остри реакции имаше и од државниот врв, почнувајќи од претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ДУИ, како и од сите политички партии.
Претседателот Пендаровски, повика на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност, како и на соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето.
-Повикувам на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето. Потполно го разбирам гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните наши граѓани – нагласи Пендаровски во својот писмено изнесен став.
Премиерот Ковачевски изјави дека пардон нема да има за никого, и побара случајот да не се политизира бидејќи, како што кажа, се работи за мултипартиски и мултиетнички криминал. Правото на протест на граѓаните е добредојдено, според него, бидејќи врши дополнителен притисок да се реши случајот.
-Се надевам дека и обвинителството ќе ја објасни нивната постапка, бидејќи тие се посебен орган надвор од државата. Нема да има пардон за никого без разлика дали припаѓа на која било политичка партија, на каква било припадност – порача премиерот.
Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, вчера изјави дека е потребна и кривична и политичка одговорност во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици.
Граѓаните кои вчера протестираа најавија дека следниот понеделник од 18 часот повторно ќе има протести пред Влада во врска со случајот на Клиниката за онкологија