Фото: Џо Бајден/инстаграм

Мнозинството членови на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес подготвени се да ја поддржат иницијативата за покренување истрага за процесот на импичмент на американскиот претседател Џо Бајден, изјави конгресменката Марџори Тејлор Грин, пренесува „Танјуг“.

– Сега сум уверена дека имаме доволно гласови во Домот кога ќе се вратиме во септември за конечно да отвориме истрага за импичмент“ – напиша Тејлор Грин на платформата X (Твитер).

За иницијативата да помине во Претставничкиот дом, треба да ја поддржат повеќе од половина од конгресмените.

На почетокот на септември, Тејлор Грин рече дека е време Бајден да ги предаде сите комуникации на негово име или псевдоними, изводи од банка, извори на приход, дневник на посетители и детали за состаноци од неговиот дом во Делавер, како и „список на пропишани рецепти кои го маскираат неговиот ментален пад“.

Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, претходно се изјасни за гласање за отворање на истрага за импичмент на Бајден.

Мекарти најави дека информациите што ги собрале републиканците му овозможуваат да го покрене прашањето за отповикување на Бајден.

Според него, семејството на американскиот претседател е вклучено во „корупцијата“.

Мекарти изјави дека истрагата за наводната вмешаност во корупциски активности на претседателот на САД и неговиот син Хантер Бајден, ја диктира потребата да се покрене постапка за импичмент против шефот на државата.

Според зборовите на еден од конгресмените, таквата постапка ќе ја прошири способноста на американскиот Конгрес да собира информации неопходни за истрага против претседателот.