Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека согласно одредбите од членот 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето, рокот за замена на дозволите за поседување и носење на оружје, овластување за носење на оружје и дозволите за поседување на оружје, издадени согласно Законот за набавување, поседување и носење на оружје истекува на 4 јуни 2023 година.
– Оттаму, сите оние граѓани кои што поседуваат оружје со стари дозволи се должни да поднесат барања за замена на тие дозволи до наведениот рок односно до 4 јуни 2023 година. Воедно, МВР информира дека кон барањето за замена на дозволата, потребно е да се приложи старата дозвола за оружје, а оружјето што ќе биде предмет на пререгистрација, да се донесе на увид – соопштија денеска од МВР.
Граѓаните своите барањата за замена на старите дозволи, потребно е да ги поднесуваат во Отсеците за оружје, експлозивни и опасни материи според местото на живеење во работно време од 8 до 16, додека граѓаните на Град Скопје, барањата треба да ги поднесуваат во Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи – Скопје, сместен во Полициска станица Автокоманда во работно време од 8 до 16, со напомена дека уплатата на таксите може да се изврши во банка, пошта или на пост терминал.