Прашавме дали азбестот е опасен ако е опожарен, колку бил опасен воздухот за време на пожарот и после него, ако се земе предвид што гореше во „Треска“
Колку штетни материи се ослободени во воздухот настанати од пожарот кај поранешната фабрика „Треска“ во Скопје, сѐ уште не е точно утврдено. Азбестни табли, дрво и пластика се дел од материјалите што согорувале при овој пожар. Граѓаните се исплашени најмногу поради покривот од азбест, кој е канцероген материјал и кој одамна е забранет за користење во европските земји. Прашавме дали овој материјал е опасен ако е опожарен, колку бил опасен воздухот за време на пожарот и после него, ако се земе предвид што гореше во „Треска“.
На социјалните мрежи и вчера и денес скопјани споделуваат препораки да носат маски оние што се во близина на фабриката, токму поради горењето на опасни материи.
Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Ѕвонко Томески потврди дека покривот на објектот што вчера гореше бил покриен со азбестни табли и рече дека тие не горат, туку се ситнат на мали парчиња. Но во објектот имало и сунгери, пластика, гума…
Проф. д-р Мери Цветковска од Катедрата за механика и материјали при Градежниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ исто така објасни дека азбестните табли не горат.
– Азбестните табли не горат. Тие имат мал додаток од цемент во себе. Зборуваме за оние старите азбестни табли што ги користиме за покриви. Пластиката испушта токсични материјали кога се топи, придонесува во горењето, и прави многу голем чад. Она што најдобро гори е дрвото, па претпоставувам дека оттаму настанал пожарот. Немам увид на местото, меѓутоа од она што го видов на телевизија, видов дека има искршени стакла, слама… Полицијата треба да утврди од што се запалило. Може и некоја инсталација се запалила, а материјали за горење внатре сигурно имало еден тон – вели проф. Цветковска.
Македонија го има усвоено Европскиот правилник за материјали при градба, но нашиот сегашен правилник не пропишува од какви материјали треба да се градат објектите.
– Во новиот правилник треба да бидат вметнати овие елементи, каков материјал да се употреби за фасада, каков за покрив, каков за ѕидови и каков за изолација. Се надевам тоа ќе помогне за понатаму да се случуваат помалку несреќи од овој вид – дополнува таа.
Од Државниот инспекторат за животна средина смируваат дека ова не е случај што би предизвикал хаварија затоа што се работи за согорени материјали што не се животозагрозувачки.
– Се работи за празни магацини, испразнето е сѐ, не се работи за пожар со хемикалии, како што беше случајот со ОХИС, па од тој аспект не сме надлежни да интервенираме.
Секако, бевме вчера да процениме, уште се гасеше пожарот, ама магацините беа празни, гореше дрво, пластика, гума, комунален отпад, шут, текстил, евентуално некоја канта со боја и лепак. Не меревме зашто не е од големи размери, ама сигурно мереле од општина Центар и од град Скопје, зашто е под нивна надлежност. Секако дека после пожар има загадување на воздухот, како што дуваше ветрот така се ширеше и чадот и мирисот, ама генерално се работи за неопасни материјали – вели Дарко Блинков од Државен инспекторат за животна средина.
Од општината Центар, велат, биле на терен, меѓутоа дека не е под нивна надлежност мерењето на предизвиканата штета во однос на загадувањето на воздухот.
– Додека не добиеме официјални податоци што изгорело и колку изгорело не смееме да шпекулираме – рекоа од општина Центар.
Од град Скопје, пак, велат дека располагаат со една мерна станица лоцирана во Кисела Вода.
– Градот Скопје податоците за квалитет нa амбиентниот воздух ги добива од државната мониторинг мрежа за квалитет на амбиентниот воздух во надлежност на МЖСПП.
Мерења после пожарот не се направени од причина што на таа локација нема ниту една инсталација која е под надлежност на градот за одобрување на еколошка дозвола или елаборат за животна средина.
Од наши сознанија со локацијата на поранешната фабрика „Треска“ и со целокупниот имот управува стечаен управител кој е одговорен за целокупониот имот.
Истата се наоѓа во општина Центар и согласно законот за квалитет на амбиентниот воздух општините и градот Скопје може да воспостават локална мониторинг мрежа и градот таа ја започнува со поставување на станицата во Кисела Вода.
Сепак за вакви инциденти потребно е да се направат специфифични мерења врз основа на созанијата што е опфатено со пожарот и кои параметри е потребно да бидат офатени со анализата – велат од град Скопје.