Фото: Н.М.

Подигнување на свеста за предвременото раѓање преку дискусии со стручни лица, како и преку лични приказни споделени од родители и од индивидуи кои и самите се родени предвреме, беше целта на настанот организиран од брендот Бекутан на „Алкалоид“ – втората конференција за родителство насловена „Големите приказни на малите херои“. Стана збор за предизвиците, подвизите и поддршката која им е потребна на најмалите херои и нивните семејства.

Во рамки на панелот „Науката зад грижата: современи пристапи во неонаталната нега“, прим. д-р Марина Поп Лазарова, педијатар-неонатолог рече дека денеска се одбележува Светскиот ден на предвреме родени деца, значаен настан во кој се вклучи Бекутан и Алкалоид, како поддржувач заедно со Здружението на неонатолози на Македонија.

Фото: Н.М.

-Кога говориме за овие наши мали херои, а тоа се недоносените деца кои се големи борци, посочи таа, говориме за деца кои се родени пред 37 гестациска недела. Сите ние се грижиме во контролираната бременост за рано детектирање на сите фактори на ризик, кои доколку рано се детектираат и рано се интервенира може навистина да се подобри самата кондиција на фетусот од една страна, а од друга страна да се продолжи бременоста и детето да се роди во оптимална кондиција, време со полна 37 гестациска недела кога ќе биде подготвено за надворешните услови и живот. Колку е детето понезрело толку е помалку подготвено и се соочува со голем број адаптациски проблеми. Извесен дел од овие деца ќе имаат потреба од соодветен современ медицински третман и грижа на единиците за интензивна нега и терапија, а дел од нив за среќа само ќе имаат потреба од повеќе мониторирање и од една специјална стандардизирана нега – истакна д-р Поп Лазарова.

Според неа, овие деца се многу вулнерабилни и треба максимална грижа и посветеност. Со напуштање на интензивната нега, појасни таа, тие подлежат на поинтензивни контроли и мониторирање за рано да се откријат одредени отстапувања и рано да се интервенира со цел да добијат шанса за квалитетен соодветен раст и развој.
Потенцира дека заедно со Бекутан како партнери и како Здружение на неонатолози на Македонија направиле контролирана клиничка студија во која го испитувале СОС сензитив кремот на Бекутан кај овие деца, и тоа на неколку регии.

Фото: Н.М.

– Се испитуваше пеленската регија, каков ефект има во однос на негата и третманот од една страна, а од друга страна третманот на инфламација, иритација и црвенило на кожата на телото и лицето кај овие деца. Студијата се правеше во текот на шест месеци, беа вклучени пет породилишта и беа вклучени 400 недоносени новородени деца. Најголемата група некаде 85 проценти беа застапени децата кои ние ги нарекуваме умерено и доцна недоносени. За среќа таа и треба да биде најголема група, значи тоа се недоносени деца со 33 до 37 гестациска недела. Четиринаесет проценти беа од 32 до 28 недела, имавме екстремно незрело детенце родено во 28 гестациска недела, кое беше третирано. Резултатите покажаа дека станува збор за безбеден, квалитетен бренд, крема особено за чувствителната бебешка кожа кај недоносените деца која истовремено негува и ги решава проблемите на пеленската регија, на лицето и телото – додаде д-р Поп Лазарова.

Јулија Ѓорчевска Ацеска, менаџер на погон Козметика при „Алкалоид“, рече дека Бекутан колекцијата постои пет децении на пазарот и е симбол на доверба, квалитет и грижа за најмладите.

– Во сите овие години создаваме производи кои ги поминуваат најстрогите критериуми за безбедност. Тоа значи дека при создавање на една формулација внимателно ги избираме сите состојки кои се во согласност со Европската регулатива за козметика од една страна, а од друга страна секој производ си добива своја безбедносна оценка изработена од стручно експертско лице во Европската унија. Во развојот на производите учествуваме цел тим фармацевти, технолози и хемичари со долгогодишно искуство – додаде Ѓорчевска Ацеска.